X
 23.04.2022 Живот

Алпска Венеција - идиличен град со веројатно најчистото езеро во Европа

Езерото Анси важи за едно од најчистите и најубави во Европа, а се наоѓа во истоимениот град, кој го нарекуваат и алпска Венеција поради многубројните канали и прекрасната архитектура.

Градот Анси се нарекува и бисер на француските Алпи, пред сѐ, поради живописниот пејзаж составен од планински врвови и глацијално езеро.


Градот, кој е и административен центар на департманот Горна Савоа, се наоѓа во Југоисточна Франција, во близина на Женева и Лион. Ова го прави одлична основа за истражување на животната средина, но и место каде што човек може да здивне од метежот во поголемите градови. Малите мостови, прекрасните улици, продавниците и пазарите, како и замокот кој доминира во градот, го прават интересна дестинација.

Замокот Анси е реставриран и служи како музеј, а Министерството за култура го прогласи за историски споменик.


Овде може да се видат многубројни скулптури и слики од регионални уметници, а од големо значење е колекцијата на мебел од 15 век па наваму, вредни предмети, фотографии и макети од планински куќи. Замокот бил изграден помеѓу 12 и 16 век, кога служел како резиденција на грофовите од Женева. Низ историјата замокот бил уништен во пожари неколку пати, а во 17 век бил целосно напуштен. Во 1947 година служел за војската, додека денес таму се наоѓа опсерваторија.

Со оглед на тоа што се наоѓа на рид, вреди да се посети замокот за да се видат градот и езерото одозгора.

Помеѓу езерото и стариот град се наоѓа Мостот на љубовта, а во близина се прекрасните европски градини.


Тука се одржува и Меѓународниот фестивал на анимиран филм, во текот на јуни.

Во секој случај, нема да згрешите со овој француски град доколку барате идилично, но интересно европско место.

Извор: b92.net
Фото: Instagram
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот