Градот Аомори во Јапонија се смета за место со најмногу врнежи на снег во светот. Според некои статистички податоци, во главниот град на истоимената префектура на најголемиот јапонски остров Хоншу секоја година паѓаат во просек 7,9 метри снег.
Поголемиот дел од градот и околните места се покриени со густа снежна покривка од ноември до април секоја година. На тротоарите има високи ѕидови од снег и мраз кои стануваат уште повисоки кога се чистат улиците.
Обилниот снег е резултат на уникатната географска локација на Аомори помеѓу планината Хакода и бреговите на заливот Муцу. Тука стигнуваат ледените сибирски ветрови кои предизвикуваат брзо формирање на облаци. Поради ниските температури во градот – наместо дожд, врне снег.
Во текот на зимата паѓа толку многу снег, што секојдневното чистење е неизбежна појава за сите 300.000 жители на Аомори. Снежните наноси можат да бидат толку високи, што го блокираат излезот на луѓето од нивните куќи. Најмногу снег паѓа во последната недела од декември.
И покрај постојаните снежни бури, Аомори не ги затвора вратите за патниците. Многумина доаѓаат овде во зима за да уживаат во скијањето и други снежни радости, но и да уживаат во локални специјалитети - главно јадења од свежа риба и морски плодови.
Не е тешко да се стигне до Аомори дури и кога паѓа снег - со авион или воз. Од Токио се патува три часа со јапонскиот супервоз.
Извор:
Punkufer
Насловна фотографија:
Aomori tourism