X
 23.05.2024 Живот

Јапонците создадоа лажица што го менува вкусот на храната

Јапонскиот производител на пијалаци „Кирин холдингс“ лансира електрифицирана лажица за која научниците тврдат дека промовира поздрава исхрана со подобрување на солениот вкус без додавање сол.

Лансирањето на производот е првата комерцијализација на технологијата што ја доби минатогодишната сатирична  нобелова награда за необична наука „Иг“.

„Кирин холдингс“ ќе продаде само 200 од електричните лажици онлајн, по цена од околу 117 евра, а во ограничена количина во јапонските продавници во јуни, но се надева дека ќе продаде милион примероци во период од пет години. Продажбата во странство ќе почне следната година.

Лажицата е развиена во соработка со професорот Хомеи Мијашита од Универзитетот Меиџи, кој претходно покажа како електричните стапчиња за јадење го подобруваат вкусот, во овој случај соленоста на јадењето.

Компанијата „Кирин“, која се обидува да влезе во полето на здравјето со продажба на пијалаци, тврди дека оваа технологија е особено важна за Јапонија бидејќи просечниот возрасен таму консумира 10 грама сол дневно, што е двојно повеќе од препораката на Светската здравствена организација.

Прекумерното консумирање сол е поврзано со висок крвен притисок, мозочен удар и други болести.

- Јапонија има кујна која ги фаворизира солените вкусови. Јапонците како целина треба да го намалат внесувањето на сол, но може да биде тешко да ги напуштиме нашите навики во исхраната. Токму затоа ја развивме оваа електрична лажица - рече Аи Сато, истражувач од „Кирин“.

Лажицата тежи околу 60 грама и работи на литиумска батерија што се полни.

Извор: bizlife.rs
Фото: Unsplash
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот