После критиките поради одделувањето на имигрантските семејства, Белата куќва во петокот ги обвини демократите и медиумите дека сликата од расплаченото девојче од Хондурас на американско-мексиканската граница, ја искористиле за промовирање на сопствената политичка агенда, бидејќи девојчето и мајката воопшто не биле одделени.
Десетици дневни весници и списанија ја пренесоа сликата од фоторепортерот Џон Мор од „Гети Имаџес“ што предизвика бес и гнев, како во Америка, така и во странство, поради практиката децата да бидат одделени од семејствата кои чекаат за постапка поради нелегално преминување на границата. Претседателот Доналд Трамп ја потпиша одредбата со која децата не мора да бидат одделени од нивните семејства иако нелегално ја преминале границата.
Фото: Getty Images
Објаснувањето под сликата од 12 јуни вели дека двегодишното девојче од Хондурас плаче додека нејзината мајка е во постапка на одредување на притвор. Исто така, вели дека притворот можел да резултира со можно одделување, но за среќа не дошло до тоа.
-Срамно е што демократите и медиумите ја искористија фотографијата од малото дете за промовирање на сопствената агенда. Таа не беше одделена од својата мајка. Демократите треба да се приклучат кон претседателот и да го поправат имиграцискиот систем кој е лош - порача преку нејзиниот твитер-профил, портпаролката на Белата куќа, Сара Сандерс.
Фотографијата, меѓу другите, ја споделија и „Тајм“ и „Вашингтон Пост“.
За овонеделната насловна страница, заедно со насловот „Добредојдовте во Америка“, магазинот „Тајмс“ ја зел сликата со девојчето, поставувајќи и слика од Трамп, како гледа надолу кон девојчето.
Фото: Time
Во петокот, „Тајм“ објави поправка велејќи дека статијата е неточна, и наведувајќи дека агентите од граничната полиција не го зеле девојчето додека плачело, туку дека го зела нејзината мајка, па биле одведени заедно.
Трамп постојано ги обвинува демократите дека се слаби во однос на
имиграцијата. На неговиот твитер-профил во петокот тој изјави: -Не можеме да дозволиме нашата земја да ја преминат илегални имигранти додека демократите ги раскажуваат нивните лажни приказни за тагата и жалењето, надевајќи се дека ќе им помогнат на изборите (во ноември).