Уште од најраното детство Американците учат дека САД за време на војната за независноста (1775-1783) го отфрлиле наследното уредување и го замениле со законот „од народот за народот“. Томас Џеферсон, еден од „татковците основачи“ на државата, пишувал дека нејзините жители сакаат „природна аристократија“ заснована на вредност и талент, а не „вештачка аристократија“ која се темели на среќа и раѓање, како што било случајот во Обединетото Кралство.
Од сите примери на газење по овој основачки принцип, најтешки последици имал системот на расна дискриминација наметнат за афроамериканското население во Америка. Но уште една, подискретна форма на негово јасно кршење се гледа на почетокот од 20 век: вклучување на семејното потекло во критериумите за прием на најдобрите универзитети во земјата. Во моментот на запишување младите кандидати имаат привилегиран третман доколку еден од нивните родители - најчесто таткото - бил запишан во истата високообразовна институција.
Овој критериум за избор на наследник денес се наоѓа во три четвртини од првите сто најдобри американски универзитети, како јавни така и приватни. Покрај успехот од училиштето, бојата на кожата, полот и географското потекло, овие институции ги оценуваат и семејствата на кандидатите, притоа не откривајќи го влијанието на кој било од овие критериуми. Бројот на потомци на некогашните студенти расте со растењето на престижот на институцијата. Според неодамнешната анкета, 29 отсто од харвардските бруцоши се деца што имаат барем еден родител што студирал на тој универзитет.
Оваа репродукција на елитата по пат на семејни врски се надоврзува на проблематичниот недостиг на социоекономска разновидност во најгламурозните образовни институции. Иако „Харвард“ не престанува да се фали со тоа дека половина од студентите се Афроамериканци, истражување објавено во 2017 година покажува дека повеќе од половина од студентите доаѓаат од 10 отсто од најбогатите семејства во државата.
Фото: Profimedia
Во средина која е позната по изразената социјална нееднаквост, семејните привилегии претставуваат уште повисоко ниво на фаворизирање. Како што нагласува Ричард Ривс, истражувач на Институтот „Брукингс“, на припадниците на повисоката средна класа денес не им е доволно што своето потомство го градат во привилегирана положба со населување во модерните населби каде што се наоѓаат најдобрите училишта, туку тие почнаа да ги користат и своите презимиња за влегување во нив. „Тато повеќе не ни помага така што ќе нѐ учи бејзбол во семејниот двор“, пишува тој. „Тато денес ја подмачкува комисијата за прием“.
Иако е длабоко вкоренето во Америка, ова право на американско наследување е непознато на друго место и е исклучиво американски феномен. Како е возможно државата да се издигне од револуција против аристократијата во плодна почва за прием врз основа на семејното потекло? Како се оправдува ваквата практика пред очите на сите, наводно, на рационален начин?
Селекцијата врз основа на наследството била воведена по Првата светска војна за да се ограничи приливот на студентите мигранти - Евреите на прво место, во најпрестижните образовни институции на источниот брег. Незадоволни од тоа што новодојдените студенти ќе ја загрозат чистотата на англосаксонската елита и нивната меритократија, ректорите вовеле квоти за Евреите. Кога било невозможно да се одбрани овој потег, универзитетите почнале да користат индиректни механизми за исклучување на Евреите, меѓу кои и воспоставување критериуми како „карактер“, „географска разновидност“ или „семејно потекло“.
Сто години подоцна критериумите за наследување продолжиле да служат како средство за огромна дискриминација.
Поборниците на овој пристап понекогаш тврдат дека тоа е само еден од многуте начини да се избере помеѓу еднакво квалификуваните кандидати. Во реалноста не е така. Истражување спроведено од Универзитетот „Принстон“ покажало дека да се биде „нечиј син“ е исто како да се има предност од 160 поени (од можни 1.600) на тестот за академска способност, стандарден испит што мора да го полагаат повеќето студенти што се пријавуваат на американските универзитети. Истражувањето што во 2011 година било спроведено на три елитни образовни институции донело заклучок дека во случај на еднакви квалификации, децата на некогашните студенти имаат 45 отсто поголеми шанси да бидат примени врз основа на својот профил (резултатите од тестот, спортските успеси, род, итн.), а овој процент би скокнал на 85 отсто во случај на соодветно потекло.
- На универзитетите што ги одбираат повеќето студенти, децата на некогашните студенти генерално сочинуваат 10 до 25 отсто од студентското тело. Фактот дека овој процент не варира од година на година укажува на постоењето на неформален систем на внатрешни квоти - вели Даниел Голден.
Од друга страна, во големите училишта што одбиваат да им даваат приоритет на наследниците, како што е Калифорнискиот институт за технологија, процентот на деца на поранешни студенти не надминува 1,5 отсто.
Понекогаш слушаме за тоа дека семејните привилегии ја зајакнуваат врската на старите ученици со своите факултети, со што се мотивирани да им дадат поголеми донации. Но не постои ниеден емпириски доказ во корист на ова тврдење. Истражувачкиот тим на чело со Чед Кофман од институтот „Винемак консалтинг“ ги прегледал донациите кои од своите поранешни студенти ги добивале најдобро котираните универзитети помеѓу 1998 и 2007 година.
Напад на Уставот
Иако постои цел век во САД, предноста што им се дава на наследниците сепак се доведува во прашање, што фрла сомневање на нејзината долгорочна одржливост. Во февруари 2018 година група студенти од 10 престижни универзитети започнале да се мобилизираат против приемот врз основа на наследни права. На Принстон, Јеил, Корнел, Браун, Колумбија и Чикаго, организациите неуспешно повикале на тоа да се одржи референдум преку кој студентите ќе се изјаснат дали сметаат дека бонусите за „татини синови“ се праведни.
Се чини дека правниот систем, порано или подоцна, ќе мора да се справи со ова прашање. Изненадувачки, до денес правото на академско наследување било тема само на една парница на федерален суд. Станува збор за случај од 1975 година на иницијатива на оштетена кандидатка од Универзитетот „Чепл Хил“ во Северна Каролина. Џејн Шерил Рзенстоок сметала дека предноста укажана на другите кандидати, меѓу кои биле деца на некогашни студенти, значела ускратување на нејзините загарантирани права со Уставот. Нејзината жалба била одбиена. Резултатот што го добила на тестот за академска способност (850 од 1.600) не бил доволен, но судијата не гледал благонаклонето на тоа што ги довела во прашање семејните привилегии, повторувајќи го ставот на кој тие се поврзани со начинот на кој се финансираат универзитетите.
Многу правници, како Стив Шедоун, Сози Тулант и Шаре Алпем, сметаат дека оваа академска дискриминација претставува напад на Уставот, особено на неговиот четиринаесетти амандман. Првично наменет да служи како бариера против дискриминацијата на афроамериканското население во Америка, тој генерално се однесува на преференциите засновани на потеклото. Овој амандман потврдува дека на поединците треба да им се суди според нивните заслуги, а не според потеклото.
И конгресот би можел да се огласи по ова прашање. Бидејќи анкетите покажуваат дека три четвртини од Американците се против правото на академско наследство, неговата одбрана стана политички непопуларна и непријатна.
Во меѓувреме, апсурдноста на овој вид избор го илустрира клучниот проблем за запишување на големите универзитети. Корисните последици од запишувањето на овие институции започнуваат да слабеат, најпрво на ниво на образование: универзитетот од среден ранг вложува околу 12.000 долари годишно на образованието на еден студент, додека најексклузивниот 92.000 долари. Што се однесува до приходите, со еднакви квалификации, нивните дипломи обезбедуваат 45 отсто поголеми плати во однос на дипломците од помалку реномираните факултети - што е занемарлив јаз ако ги гледаме само студентите од посиромашно потекло. Според книгата на Томас Дај, „Who's Running America?“, која станала класика, повеќе од половина од сопствениците на големите компании и околу 40 отсто од владините претставници биле запишани на некои од дванаесетте најдобро рангирани
универзитети. Историјата не знае колку биле примени врз основа на презимето...