X
 19.06.2024 Наука

Ново истражување открива зошто сме склони кон параноја

Често отфрлена како ирационално или претерано чувство на грижа, паранојата произлегува од многу рационалната способност да останеме присебни во хаотично опкружување.

Со цел подобро да се разбере зошто некои луѓе се склони кон параноја повеќе од другите, тим научници предводен од психијатри од Универзитетот „Јејл“ ги анализирал резултатите од едноставен тест на група мајмуни и луѓе-доброволци. Тестот се вртел околу изборот на симболи со можност за награда - храна за мајмуните и поени за луѓето.

Различни симболи давале различни шанси за успех, па со избор од три симболи на екранот субјектот имал можност да дознае кој симбол најверојатно ќе донесе награда. Токму кога испитаниците мислеле дека сè сфатиле на половина пат од тестовите, исходите од експериментот се промениле – најсреќниот симбол поретко носел награди, а несреќниот станал оптимален избор.

-Значи, учесниците треба да сфатат која е најдобрата цел и кога ќе се согледа промената во средината, учесникот потоа треба да најде нова најдобра цел - истакнал психологот од „Јејл“, Стив Чанг.

Шест од 20 мајмуни претходно биле подложени на невролошка операција во одделни студии, кои ги зафатиле нивните таламични јадра - област за која се верува дека игра улога во планирањето, апстрактното размислување и организацијата - областа во нивниот префронтален кортекс вклучена во донесувањето одлуки.

Од друга страна, луѓето морале да пополнат прашалник, за да го проценат нивото на параноја и друг прашалник за да утврдат знаци на депресија. Со анализа на однесувањето на мајмуните и луѓето пред и по настанувањето на промената и споредувајќи ги резултатите со оние од прашалникот, тимот успеал да процени кои региони на мозокот биле засегнати, нешто што може да влијае врз способноста на мајмуните ладнокрвно да се движат низ променливата средина на играта.

-Не само што користевме податоци во кои мајмуните и луѓето ја извршуваат истата задача, туку исто така применивме иста пресметковна анализа на двете групи на податоци - вели психијатарот Филип Корлет.

Податоците покажале дека одредени области во рамките на таламичното јадро и т.н Вокерови области, влијаеле врз  однесувањето на мајмуните по промената на тестот на суптилни, но многу различни начини.

Кај оние со оштетувања во Вокеровите области, ненадејното губење на наградата имало мало влијание врз нивните одлуки за промена.

Мајмуните продолжиле да го притискаат она што мислеле дека е „победничкиот“ симбол со непромислена одлучност.

Оние чие јадро на таламусот било оштетено, покажале сосема спротивно однесување, менувајќи се напред-назад, дури и откако откриле нов награден симбол, речиси како да се сомневале дека системот е наместен против нив лично.

Ова било слично со однесувањето забележано кај луѓето со одговорите на анкетата, што укажува на повисоки нивоа на параноја.

Извор: n1info.hr

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука