X
 23.07.2019 Наука

Какво влијание има галењето на миленичињата врз нашето ниво на стрес?

Студентите низ светот се сè повеќе под стрес, a за да им помогнат во справувањето во стресот, илјадници универзитети спроведуваат програми за посета на универзитетите од страна на животните.

Се смета дека овие програми и галењето на животните го намалува стресот кај студентите, но досега немало научни докази дека ваквите програми всушност функционираат. Анализирајќи го главниот стрес хормон, кортизол, едно истражување се обидува да ги открие физиолошките придобивки од галењето на животните на универзитетите.

- Веќе знаеме дека студентите уживаат во интеракцијата со животните и тоа им помага да доживеат позитивни емоции - вели научникот Патриша Пендри, од Државниот универзитет во Вашингтон.

- Она што сакаме да го научиме е дали оваа изложеност ќе им помогне на учениците да го намалат стресот на помалку субјективен начин - додава таа.

Користејќи ги нивоата на кортизол во плунката како показател за академскиот стрес, истражувањето било фокусирано на 249 студенти, кои случајно биле поделени во четири групи за време на програма за посета на миленичиња на кампусите.

На првата група на студенти им било дозволено да галат, играат и да се дружат со група мачки и кучиња од локалното засолниште, во период од 10 минути. Другите групи немале толку среќа.

Втората група поминала десет минути гледајќи ја првата група како комуницира со животните, третата група и не стигнала толку далеку - ѝ биле покажани само слики од животни. Последната група била ставена на неодредена листа за чекњае, што значи дека немале никаква визуелна или физика изложеност на животни, иако им било кажано дека наскоро ќе видат.

Биле земени примероци од плунка од учесниците трипати во текот на денот, еднаш по будењето и уште двапати 15 до 25 минути по 10-минутниот експеримент.

Како прво истражување од овој вид, резултатите се ветувачки. На крајот, првата група покажала значително пониски нивоа на стрес во плунката за разлика од другите групи.

Накратко, истражувањето сугерира дека само 10-минутно галење на животните може да има значително влијание врз нивото на физички срес на студентите. Авторите се надеваат дека ова би можело да им помогне на универзитетите во одредувањето на на најдобриот вид на интеркација во нивните програми за животни.

Иако примерокот на истражувањето е прилично мал, резултатите се надополнуваат со детално истражување на терапијата со животни, што покажува дека животните носат придобивки за здравјето и благосостојбата на луѓето.

Допирот е еден од најмоќните начини за поврзување со вашето милениче. Едно истражување открило дека нивото на кортизол било значително намалено по 15 и 30 минути поминати со животните.

Друго истражување од 2017 година открива дека 15-минутна терапија со миленичиња го намалува психолошкиоте стрес на студентите и нивниот крвен притисок.

- Со оглед на тоа што интеракцијата еден на еден со животните го намалуваат нивото на кортизол кај поединците во терапевтските и здравствените установи, нашите резултати додаваат докази за ефикасноста на кратките, универзални, универзитетски програми за посета на животните за да го намалат психолошкиот стрес на студентите - заклучуваат авторите.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука