X
 28.06.2020 Живот

Кучињата влечат санки за луѓето повеќе од 10.000 години

Грендландското куче со крзнесто виткано влакно родено во суровата арктичка тундра би можело да биде најстарата раса на кучиња, се вели во првото истражување што навлегува во генската историја на животните. Оваа раса позната по влечење санки, која вклучува различни видови хаски и маламути, се одделила од другите пред околу 9.500 години, наспроти нешто како лабрадудл, раса што настанала во 1989 година.

Научниците знаат дека кучињата еволуирале од евроазиските волци, но точно кога или каде се случила таа трансформација е голема мистерија. За подобро да ја разберат генетиката на кучиња што влечат санки, како и нивното место во светот, научниците го секвенцирале геномот на куче од археолошкиот локалитет во Жохов, Сибир, што датира пред околу 9.500 години.

- Очекував дека ќе најдеме некој вид претходник на домашните кучиња - вели Микел-Холгер Синдинг, главниот автор на истражувањето, палеогенетичар и докторанд на Универзитетот во Копенхаген, Данска.

Наместо тоа, тој и неговите колеги откриле дека денешните кучиња што влечат санки и кучето од Сибир потекнуваат од истата гранка.

- Тоа значи дека кучињата се промениле порано од ова. Ова е огромно откритие бидејќи го покажува првиот цврст период кога кучињата се промениле - важен поим во мистеријата на припитомувањето на кучињата - вели Синдинг.

Создадени за студено време


Анализата, која ги споредила гените помеѓу древните и модерните кучиња што влечат санки со оние од другите раси, исто така открива фасцинантни и уникатни адаптации на животот на Арктикот, како што е способноста да напредуваат со исхрана полна со маснотии.

- Една од најголемите разлики помеѓу кафеавата и поларната мечка е во тоа што поларната мечка има специфична генска адаптација за јадење маснотии. Истото решение го гледаме и кај кучињата што влечат санки - вели Синдинг.

Ова има логика бидејќи Инуитите и народот Туле на Арктикот и нивните кучиња преживеале илјадници години ловејќи морски цицачи богати со масти, како фоки и китови.

1
Фото: Unsplash

Научниците ја споредиле ДНК на кучето од Жолов со животно со уште поантичко потекло - сибирскиот плеистоценски волк, кој живеел пред околу 33.000 години. Заедно со геноми од современи волци и од домашни кучиња, тимот открил дека кучињата што влечат санки не се мешале со сиви волци во изминатите 9.500 години, за разлика од другите раси. Ова е особено чудно, со оглед на тоа што домородните народи документирале спарување на кучиња со волци. Фактот дека трагите од генетиката на волците не се појавуваат во геномот на грендландските кучиња посочува дека или хибридите не преживеале или дека постои некоја причина зошто луѓето не ги размножувале.

Истражувањето покажа и дека геномите на кучињата што влечат санки содржат мутации поврзани со студените средини, како што е трчање и влечење санки во услови каде што имало малку кислород.

- Способност да вежбате дури и тогаш кога не можете да земете здив - вели Елеин Острадер, генетичар од Националниот институт за здравство, која студира кучешки геноми, но не била дел од истражувањето.

Друга мутација им овозможува на овие кучиња да ја регулираат телесната температура, која не само што е неопходна за да преживеат на студот, туку и за да се одморат по напорен период.

Слични карактеристики се присутни и кај денешните кучиња што влечат санки, што дава корисни упатства за сопствениците на миленичиња - особено оние што имаат чиста раса.

2
Фото: Unsplash

- Покрај сите географски и еволутивни врски, поврзаноста со тоа како треба да размислуваме за нашите модерни миленици е навистина важна - вели Острандер.

На пример, врз основа на гените на животните Синдинг ги советува сопствениците на куче што влечи да избегнува исхрана со многу јаглехидрати.

- Дајте им протеини и масностии - вели Синдинг.

Исто така, истражувањето покажува дека овие кучиња еволуирале за да се движат, а не да седат во стан цел ден, вели Острандер, сугерирајќи дека за овие кучиња потребни се многу вежби и задачи.

Сопствениците на миленичиња, исто така, ќе треба да ја земат предвид климата пред да изберат куче. Кучињата што влечат санки лесно се прегреваат и се летаргични во топли и влажни околини, но кога има снег, можете да забележите колку се среќни.

Следно, Синдинг сака да ја разоткрие мистеријата за она што се случило во еволуцијата помеѓу кучињата од Жолов и денешните кучиња.

- Постои јаз од 9.500 години. Постои толку многу историја помеѓу овие две точки што сакаме да ја испитаме - вели Синдинг.

Извор: National Geographic
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот