X
 15.04.2018 Наука

Научниците пронајдоа врска меѓу магнетните полиња и гнездењето на желките

Морските желки што се гнездат на плажите со слични магнетни полиња се генски слични едни на други, покажува една нова студија.

- Големите морски желки се фасцинирачки суштества кои го започнуваат својот живот така што сами мигрираат преку Атлантскиот Океан и назад. На крајот тие се враќаат да се гнездат на плажата каде што се извеле или на плажа со многу слично магнетно поле - вели Кенет Лохман, професор по биологија на Универзитетот во Северна Каролина.

Истражувањето овозможува увид во навиките за навигација и вгнездувања на желките, кои би можеле да помогнат за идните напори за заштита на желките.

Магнетните полиња се најсилниот индикатор за генска сличност помеѓу морските желки, кои се вгнездуваат, независно од географската близина или еколошките карактеристики на плажите за гнездење.



Наодите ги поддржуваат претходните истражувања кои укажуваа на тоа дека возрасните морски желки ги користат магнетните полиња за да го најдат патот до плажата каде што биле изведени. Новото истражување навестува дека понекогаш желките погрешно се гнездат на различна плажа со слично магнетно поле, дури и ако таа плажа е географски далеку од плажата на која се извеле.
Организациите за заштита на желките треба да ја разгледаат важноста на магнетното поле на плажата за привлекување морски желки. Електричните водови и големите згради на плажите можат да ги сменат магнетните полиња.

- Ова е важен увид во тоа како морските желки се движат при нивните миграции на долги релации. Може да има важни примени за заштита на морските желки, како и на други животни што мигрираат, како лососите, ајкулите и некои птици - вели Лохман.

Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука