X
 23.07.2021 Спорт

Денеска стартува 32. Летна олимпијада - Македонија со осуммина спортисти

Денеска во Токио, во сè уште вонредни пандемски услови, ќе започнат 32. Летни олимписки игри, кои ќе траат до 8 август. Традиционалнaта церемонија на отворање на Игрите, на која се пали олимпискиот пламен, би требало да се одржи денеска во 13 часот по македонско време. Во Токио ќе бидат застапени 33 спорта со 339 дисциплини, а натпреварите ќе се одржуваат во 42 борилишта, од кои осум се новоизградени.

Џудистката Арбреша Реџепи, откако помина 24-часовен карантин поради контакт со заразен од ковид-19, доби „зелено светло“ од Меѓународниот олимписки комитет да продолжи со нормално функционирање и подготовки за настапот на Олимписките игри. Таа и Дејан Георгиевски ќе го носат македонското знаме на денешната церемонија на отворање на Игрите.


фото: МОК

Македонија ќе ја претставуваат осуммина олимпијци во седум спорта, и тоа: Миа Блажевска (пливање 100 м), Борјан Бранковски (спортско стрелаштво (10 м воздушен пиштол), Дејан Георгиевски (таеквондо +80 кг), Филип Деркоски (пливање 400 м), Пуликсенија Јованоска (карате/ката), Магомедгаджи Нуров (борење, слободен стил, 97 кг), Арбреша Реџепи (џудо, 52 кг) и Јован Стојоски (атлетика, 400 м).


- Не знам што да кажам. Притисокот е огромен. Каратето првпат доби шанса за настап на едни Олимписки игри, а единствен претставник од Македонија сум јас. Сè што се бараше од мене го одработив сите овие години. Сега е време да го покажам тоа. Сакам да уживам додека сум на татамите. Ова е голем предизвик за мене како спортистка со резултати во континуитет. Ова некако ќе ги заокружи сите макотрпни години, сите неправди од спортот - изјави каратистката Пуликсенија Јованоска.


фото: Unsplash

Атлетичарот Јован Стојоски е единствениот наш претставник во кралицата на спортовите - атлетиката. Тој ќе настапи во дисциплината 400 метри, во улога на голем аутсајдер, но со желба на достоен начин да ја претстави Македонија.


- Ова е само круна за секој спорт. Олимпијадата е врвот. Далеку сум од фаворитите. Одам таму, пред сè, да уживам во тоа искуство, да дадам сè од себе и да се обидам да извлечам што е можно подобар резултат. Пласманот на Олимпијадата ми е најголем успех досега, инаку во 2019 настапив и на Светското првенство во Доха, а имам освоено и шесто место во Европа на шампионатот до 23 години. Трката ми е на 1 август - вели Јован.


Јован Стојоски/Фото: МОК

Инаку, Олимпијадата во Токио се одржува со одлагање од една година поради пандемијата, но трибините на стадионите сепак ќе бидат празни бидејќи бројот на заразени со ковид-19 во Јапонија повторно расте. Одложувањето на Игрите придонесе за зголемување на трошоците за 2,8 милијарди долари, со што тие вкупно ќе чинат 15,4 милијарди долари и ќе бидат најскапи во историјата.

фото насловна: МОК

Подготвил: Никола Петровски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Спорт