Британската рок-икона Ерик Клептон изјави дека нема да настапува на места на кои ќе се бара посетителите да бидат целосно вакцинирани против ковид-19.
Британскиот премиер Борис Џонсон најави дека од септември во клубовите и на собирите како концерти ќе мора да се покаже доказ за вакцинација.
Клептон рече дека нема да настапува никаде каде што има „дискриминација на публиката“. Неговиот став беше објавен на социјалните мрежи преку истакнат антиваксер. Славниот гитарист истакна дека чувствувал „морална одговорност“ да го каже ставот, кој завчера беше објавен на профилите на италијанскиот архитект и продуцент Робин Моноти.
Во мај Клептон истакна дека имал тешка реакција на вакцината од „Астра зенека“. Во писмо до Моноти тој ја обвинил „пропагандата“ за преувеличување на безбедноста на вакцината и додал дека се плаши дека поради „катастрофалната“ реакција, нема да може повторно да свири.
Ова не е првпат Клептон да заземе став против мерките за справување со пандемијата - тој во декември зеде учество во песната против затворањето наречена „Stand and Deliver“ на ирскиот пејач Ван Морисон. Тоа беше една од трите песни на Морисон за протест против мерките.
Извор:
BBC
Насловна фотографија: Wikipedia