Поголемите градови се организирани во кампуси, заградени со огради. Секој кампус има неколку влезови кои ги чуваат редари. Сите во кампусот се заведени со име и презиме. Работата на редарите е да следат кој и кога доаѓа. Доколку некој е во карантин, му поставуваат електрична жица на вратата, со цел да го контролираат влегувањето и излегувањето
Скопјанката Мелита Илиевска, музиколог, четири години живее и работи во Пекинг, главниот град на Народна Република Кина. Иако кинеската престолнина е на голема оддалеченост од Вухан - жариштето на коронавирусот, вели дека стравот, паниката и неизвесноста од новонастанатата ситуација ги почувствувале сите жители на земјата. Била во 14-дневен карантин, како и секој жител на градот. Сега движењето е дозволено, но никој не смее да го напушти домот без маска и ракавици. Илиевска предава во основното интернационално училиште „БИБА“. Tаа e магистер на фолклористичка наука. Вели дека децата од хорот ги научила да ја пеат македонската песна „Што ми омилело мале“.
Според информациите што ги добиваме, деновиве во Пекинг е пораздвижено. Еве што вели Мелита:
- Деновиве, 21-22 март, добиваме сѐ повеќе вести дека во последните 20 дена не постојат нови случаи на заразени од вирусот. Нови случаи се јавуваат од патниците што доаѓаат од други земји, кинески државјани и странци. Нив ги пречекуваат на аеродромите со медицински екипи и редари, и ги сместуваат во веќе подготвени хотелски капацитети, каде што се надгледуваат во период од 14 дена. Оние што веќе појавиле позитивни резултати на коронавирус се сместуваат во болници, под болнички надзор. Насловот на новите вести од весникот China Wire е: „Владините официјални членови ги симнуваат маските за да ја кренат самодовербата на граѓаните“. Шангајскиот вицепремиер Ву Чинг на официјална средба ја симнал маската и изјавил: „Шангај во моментов е безбедно место затоа што во последните 20 дена не се пријавени нови случаи на заразени со коронавирусот - вели Илиевска.
Таксистите се заштитуваат со најлонски кеси
Но тоа не значи дека животот во кинеската престолнина тече нормално и дека сѐ е вратено на старо. Таа раскажува дека движењето на луѓето е ограничено бидејќи сѐ уште се затворени објектите во кои се собираат голема групи луѓе. Но, локалните продавници, маркетите и малите кафе-ресторани работат од 10 до 18 часот, подолго од еден месец.
Борбата со
Ковид-19 била тешка и мачна. Илиевска цело време била во Пекинг, во изолација повеќе од еден месец, почнувајќи од 20 јануари, кога првпат добиле официјални информации од директорите и нивните асистенти. Во почетокот сѐ било затворено. Сите биле дома и во очекување на информации што се случува надвор.
- Беше страшно чувството на комплетна изолација и страв. Секој жител или граѓанин на земјава беше во 14-дневен карантин. Заедно со семејствата на моите колеги се соочивме со новонастанатата ситуација поврзана со коронавирусот и одлучивме да останеме тука наместо да се враќаме во своите земји. Причината е нашата стекната доверба во владата на земјава. На многу интелигентен начин се справува со решавањето на проблемите, особено од овој вид и поради веќе претрпеното искуство со САРС.
Мерките биле насочени кон тоа да се седи дома, а доколку се излегува, задолжително да се носат маска и ракавици. Одењето во продавница не било забрането, но тие не го избирале како опција.
- Првиот месец сѐ нарачувавме преку апликации на мобилен телефон. Целиот Пекинг, а и другите поголеми градови се организирани во кампуси, заградени со огради. Секој кампус има неколку влезови чувани од редари. Сите во кампусот се заведени со име и презиме. Работата на редарите е да следат кој и кога се вратил. Доколку се во карантин, им поставуваат електрична жица на вратата со цел да го контролираат влегувањето и излегувањето. 14-дневниот карантин не смее да се прекине. Во мојот кампус исто така има редари, стражари. При секое влегување и излегување од кампусот ме запишуваат и ми мерат температура. Истото се случува и кога одам во продавница, кафуле, ресторан или друг објект. На влезот редарите ме запишуваат и ми мерат температура. Имаме и една апликација со која го скенираме на WeChat - нивниот „Вајбер“, и на тој начин ме заведуваат дека сум влегла во некој објект.
Без маска не се излегува од дома
Таа работи како наставник во основно интернационално училиште. Вели дека наставата се одвива онлајн веќе седум недели. Децата од хорот ги научила да ја пеат македонската песна „Што ми омилело мале“.
Со синот Габриел
Мелита е мајка на два сина, од кои едниот има аутизам. Другиот син Габриел студира кинески јазик на BLSY - Beijing Language and Cultural University.
- Мојот син со аутизам е во Македонија, условите тука не беа соодветни за неговата состојба и Гого не се снајде. Свесноста за разликите и состојбите помеѓу луѓето сѐ повеќе станува активна во Кина. Запознаена сум дека постои само еден центар за аутизам во градот Пекинг. Има неколку многу активни невладини организации за поддршка на луѓето со посебни потреби - Frontier, Olivia's Place и мрежа на стручни лица кои работат како дефектолози и терапевти во интернационалните училишта.