X
 22.10.2020 Живот

Вториот и третиот пензиски столб покажаа стабилност и континуиран раст и во услови на ковид-кризата

Капитално финансираното пензиско осигурување значително се разликува од тековното финансирано пензиско осигурување и во поглед на третманот и евиденцијата на уплатените придонеси и во поглед на утврдувањето и исплатата на пензијата. Во ова осигурување секој член има индивидуална сметка на која се евидентираат неговите средства и се обезбедува тесна поврзаност и зависност помеѓу обемот на платените придонеси и идните пензии што ќе ги остварува секое лице. Значајно е да се истакне дека ова пензиско штедење е долгорочно штедење, во чиј тек се случува постепено, но континуирано зголемување на заштедите, поради што, на почетокот, додека осигуреникот е млад, заштедите се мали, но во иднина, кога осигуреникот ќе ја достигне возраста на пензионирање, заштедите стануваат значително поголеми.

До крајот на август 2020 година бројот на членови во задолжителните пензиски фондови што работат во рамките на вториот пензиски столб се зголеми за 2,9% во споредба со минатата година. Во истиот временски период се бележи пораст за 1,4% и кај бројот на членови во доброволните пензиски фондови.

Анализите на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) покажуваат дека и во текот на 2020 година продолжува растот на средствата на членовите во задолжителните и доброволните пензиски фондови. Конкретно, заклучно со август 2020 година средствата на задолжителните пензиски фондови бележат пораст за 8,8% во однос на 2019 година во тој период, додека пак кај средствата на членовите во доброволните пензиски фондови се бележи пораст од 6,5%. Ваквите податоци јасно укажуваат на тоа дека капиталното финансирано пензиско осигурување, кое претставува втор по големина сегмент во домашниот финансиски систем, веднаш по банкарскиот, остана стабилно и продолжува со својот раст и покрај предизвиците што ги наметна ковид-кризата.

Стабилноста и континуираниот раст што се забележуваат во вториот (задолжителниот) и во третиот (доброволниот) пензиски столб и во услови на глобална криза произлегуваат од тоа што средствата се приватно и конкурентно управувани, така што уплатените придонеси се инвестираат од страна на специјализирани лиценцирани пензиски друштва. На овој начин се обезбедува економските цели да ја одредат инвестициската стратегија, создавајќи можност за максимирање на целокупниот принос во интерес на членовите. Диверзификацијата на ризиците на инвестициите (вклучувајќи ја и меѓународната диверзификација) е една од поважните карактеристики на овој систем.

- МАПАС секојдневно врши супервизија на инвестициските активности на пензиските друштва, па така во текот на 2020 година може да се забележи дека задолжителните и доброволните пензиски фондови ги почитуваа максималните инвестициски ограничувања, што значително придонесува за јакнење на вкупната доверба во системот за капитално финансирано пензиско осигурување - вели Максуд Али, претседател на советот на експерти на МАПАС.

Истовремено, капитално финансираното пензиско осигурување обезбедува и висок степен на транспарентност, што претставува една од неговите најважни карактеристики. Имено, пензиските друштва имаат законска обврска најмалку еднаш годишно да ги информираат сите свои членови за состојбата на средствата на нивните индивидуални сметки, со доставување на т.н. „зелен плик“ кој содржи податоци за инвестирањето на пензискиот фонд, за наплатените надоместоци и за остварениот инвестициски принос. Но, за да можат корисниците да ги добиваат ваквите информации, кои се содржани во „зелениот плик“, од особена важност е редовно да ги ажурираат своите податоци во пензиските фондови во кои членуваат, децидни се експертите од МАПАС.

(Комерцијална објава)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот