Училишните часови изгубени поради пандемијата може да влијаат врз британската економија следните 65 години, покажува истражување објавено од „Ројал сосајети“. Во истражувањето се вели дека прекинот во образовниот процес негативно ќе влијае врз идните вештини на младите работници.
Во истражувањето учествувале повеќе академици од универзитети во земјата, меѓу кои и претставници на „Кембриџ“ и Универзитетот во Бристол. Истражувачите велат дека прекинот во
образованието ќе ја чини земјата милијарди фунти како последица на намалената стапка на развој.
Фото: Freepik
Според нив, приоритет е да се вратат учениците во училиште. Освен тоа, доколку идните часови не се ефективни во стигнувањето на загубеното, учениците што останале дома за време на пандемијата ќе имаат 3% пониски годишни примања од другите генерации во иднина.
Истражувањето вели дека сите генерации што во моментов одат на училиште ќе бидат погодени, што значи дека ќе се забележува влијанието со децении, дури до 80-тите години на 21 век.
- Околу една четвртина од целата работна сила ќе има послаби вештини, со последователна пониска стапка на развој - пишуваат истражувачите.
Фото: Freepik
Истражувања во Аргентина поврзани со долги штрајкови во образованието докажале дека долгорочната штета од загубеното образование се чувствува подоцна во просечната заработка. Оние жени што биле ученици за време на штрајковите заработуваат просечно 1,9% помалку од другите, а мажите заработуваат 3,2% помалку од останатите генерации.
Истражувачите бараат од властите во Велика Британија отворање на училиштата со преземање мерки за намалување на ризикот за ширење на коронавирусот. Конечно, истражувањето покажало и дека оние деца што не можеле да продолжат со образованието од дома за време на пандемијата, како децата во сиромашните семејства, ќе бидат најпогодени.
Автор: Шон Кахлан
Извор:
Би-би-си