X
 16.11.2020 Здравје

Во болниците лежат 1.212 пациенти со Ковид-19. Од МЗ тврдат дека има места за нови

Во изминатите 24 часа во ковид-центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат 612 пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот. Во регионалните центри во Битола и во Штип се хоспитализирани дополнително 141 болен, со што вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на Ковид-19 кои болнички се лекуваат на инфективните одделенија е 753. Повеќе од 420 лица сомнителни и потврдени за Ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град.
Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во болниците низ земјава е 1.212, информираат од Министерството за здравство.

- Во Скопје, и покрај големиот број приеми во текот на вчерашниот ден, слободни места во моментов има доволно во ковид-центрите на интерните клиники, а се очекува во текот на денот, по направените исписи на оздравените пациенти, да се ослободат и дополнителни места и на Клиниката за инфективни болести и во ГОБ „8 Септември“. Во наредните неколку дена со работат ќе почне и ковид-центарот на Клиниката ОРЛ. Сите новоотворени инфективни одделенија имаат довод на кислород и можат да згрижат пациенти кои имаат потреба од кислородна поддршка - тврдат од Министерството за здравство.


Фото: Борче Поповски

Во болниците во внатрешноста има околу 130 слободни болнички кревети, а се прават и исписи на оздравени пациенти, со што ќе се ослободат дополнителни легла.

- Инаку, сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород. И покрај големиот наплив на пациенти во изминативе десетина дена, Министерството за здравство е во постојан контакт со сите болници и доколку има потреба, капацитетите на ковид-одделенијата ќе бидат дополнително проширени - велат оттаму.

Министерот за здравство Венко Филипче претпладнево одржа состанок со директорите на сите клиники од клиничкиот комплекс „Мајка Тереза“ во Скопје, на кој беше разгледана моменталната епидемиолошка состојба во однос на бројот на позитивни и болни пациенти, пациенти што побарале и имале потреба од хоспитализација, наспроти бројот на слободни места и капацитетите на клиниките, како и можноста за отворање нови ковид-центри доколку има потреба за тоа.

- Во моментов освен Клиниката за инфективни болести со модуларната болница во нејзини рамки и Институтот за белодробни заболувања - ТБЦ, работат и четири ковид-центри на интерните клиники, и тоа на Клиниката за дерматовенерологија, Клиниката за неврологија, Клиниката за нефрологија и Клиниката за гастроентерохепатологија. Деновиве се работи на средување на доводот на гасови на Клиниката за уво, нос и грло и на Клиниката за очни болести, кои до крајот на неделата се планира да почнат да примаат пациенти - рече министерот Филипче.

Тој побара од директорите на хируршките клиники и директорот на Клиниката за кардиологија да достават план за ослободување на дел од капацитетите за ковид-пациенти доколку за тоа има потреба во претстојниот период.

- Засега имаме стабилни бројки и според епидемиолошката слика, очекуваме во периодот што следува да има повеќе исписи на пациенти и да се намали приливот на нови болни. Сепак, мора да бидеме подготвени за секакво сценарио - рече министерот Филипче на состанокот.

Освен за просторните можности, се разгледуваше и распоредот за ротација на лекари и на друг медицински персонал во ковид-центрите каде што за тоа има потреба, секако притоа водејќи сметка да не се запре со редовната работа на хируршките клиники.

- Состојбата е сериозна и целиот здравствен персонал вложува натчовечки напори да го одржи системот и да ги згрижи сите пациенти. Ни претстои период во кој треба да останеме смирени и да го дадеме максимумот и како лекари и како институции - истакна министерот на состанокот.

Во наредните неколку дена се очекува да се разгледаат предлозите за отворање дополнителни капацитети на сите клиники.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје