Еден од најубавите замоци во Германија многумина го поврзуваат со анимираните бајки на „Дизни“, но зад луксузот и убавината се крие трагична приказна за осаменоста и човечката злоба.
Замокот е симбол на романтизмот од 19 век. Се наоѓа во јужна Баварија, во близина на езерото Алпси, на висок рид. Опкружен е со шумски падини, а посетителите можат да уживаат во прекрасниот поглед на баварските Алпи.
Изградбата на раскошниот замок ја финансирал кралот Лудвиг II од Баварија, во чест на композиторот Рихард Вагнер. Наследувајќи го тронот на 18-годишна возраст, тој ги потрошил своите пари на мегаломанска уметност и архитектонски проекти. Ова подоцна било искористено против него како доказ дека бил луд, поради што бил сместен во болница за душевно болни. Многу историчари денес се сомневаат во податокот дека тој бил навистина луд, а неговата роднина - царицата Елизабета (Сиси) тврдела дека тој бил само ексцентрик кој живеел во свет на соништата.
Замокот, кој требало да биде дом на кралот, не ја исполнил таа цел. Кралот починал во 1886 година, пред да биде завршен замокот. Не долго потоа замокот бил целосно изграден и отворен за јавноста.
Смртта на кралот никогаш не била целосно објаснета. Неговото тело било пронајдено во езерото Старнберг, во чија вода и денес стои спомен-крст. Поради тоа што бил добар пливач, неговата смрт не можела да биде случајна, па се верува дека станува збор за самоубиство или убиство.
Како и да е, си остварил уште една, овој пат последна желба. Токму таа желба ја запишал во писмото до актерката Мари Дан-Хаусман: „Сакам да останам вечна енигма за себе и за другите“.
Но, да се вратиме на самиот замок. Името на замокот, Нојшванштајн, буквално значи нов лебедов камен. Така го нарекол Лудвиг, инспириран од операта на Вагнер, „Лоенгрин“ и средновековната фигура на лебедовиот витез. Денес во замокот се сместени и уметнички слики инспирирани и посветени на Вагнер.
И покрај фантазиите на Лудвиг за 200 соби, замокот има само десетина, бидејќи во тој момент од изградбата едноставно снемало пари.
Интересни карактеристики на собите се, на пример, тоа што спалната соба била со кревет и натстрешница наменета за едно лице. Имено, Лудвиг II не се оженил, ниту пак планирал. Згора на тоа, записите во дневникот откриле дека тој страдал во животот поради хомосексуална ориентација што не смеел да ја изрази.
Од прозорецот на собата се гледа реката со водопад, над кој двете карпи се поврзани со мостот на Марија, посветен на мајката на Лудвиг. Исто така, посетителите можат да уживаат во прекрасен поглед на целиот замок од мостот.
Собата на тронот била инспирирана од истанбулската „Света Софија“ и библиската егзотика. Неговата убавина речиси го одвлекува вниманието од важен детаљ: нема престол за кралот. Со оглед на тоа што умрел, собата никогаш не била довршена.
Благодарение на изолираната положба, замокот ги преживеал разорните епизоди од двете светски војни. Тој не само што ги преживеал, туку и „учествувал“ во нив. За време на Втората светска војна и нацистичкото владеење во него се складирале уметнички дела што нацистите, предводени од Алфред Розенберг, ги краделе од Европа.
Замокот се сметал за безбедно место бидејќи бил блиску до окупирана Австрија и далеку од Берлин, па му го привлекол вниманието на непријателот.
Инспириран од нацистичките уметнички кражби и документарната книга на Роберт М. Едсел, Џорџ Клуни го снимил филмот „Чуварите на наследството“. Станува збор за единица која спасувала уметнички дела во Франција, Италија, Белгија и Германија, често користејќи многу имагинативни методи - на пример, со поставување лажни знаци „Внимавај, мини!“ за да го одврати непријателот да се приближи до вредните згради.
По Втората светска војна, замокот се „искупил“ со својата улога на чувар на украдената уметност со привремено чување на архивските документи спасени од уништениот Минхен.
Замокот годишно го посетуваат 1,3 милиони туристи, што го прави една од најпопуларните туристички атракции во Европа. Во екот на сезоната, во летните месеци, дневно го посетуваат и до 6.000 посетители. Оние што немаат претходна резервација, чекаат во ред неколку часа.
Извор:
Punkufer.dnevnik.hr
Фото:
Wikipedia