X
 28.11.2018 Култура

Човекот кој со години се обидуваше да се спријатели со изолираните Сентинелци

Нема многу луѓе што знаат за Сентинелците повеќе од антропологот Т. Н. Пандит. Како регионален шеф во министерството за племенски прашања во Индија, тој со децении ја посетувал изолираната островска заедница. Минатата недела вниманието на светот беше насочено кон племе што живее во изолација десетици илјади години, и тоа затоа што припадниците на племето го убиле 27-годишниот Американец кој сакал да ги посети со цел да им го пренесе христијанството.

Пандит денес има 84 години и од своето искуство вели дека групата е мирољубива и верува дека нејзината застрашувачка репутација не е точна.

- Во текот на нашите средби тие знаеја да ни се заканат, но тоа никогаш не дојде до точка некој да се обиде да нѐ убие или повреди. Кога и да се возбудеа, ние се повлекувавме. Навистина ми е жал за смртта на овој млад човек, кој поминал толкав пат од САД. Но направил грешка. Имал доволно шанси да се спаси. Бил упорен и за тоа платил со својот живот - раскажува Пандит за Би-би-си.

Тој првпат го посетил Северниот Сентинелски Остров во 1967 година, во рамките на една експедиција. На почетокот Сентинелците се криеле од посетителите во џунглата, за подоцна да фрлаат стрели кон нив. Антрополозите за време на посетите со себе носеле внимателно избрани предмети за да се обидат да реализираат контакт со нив.

- Носевме дарови како садови, тави, многу кокошки, железни алатки - чекан и долги ножеви. Со себе поведовме и тројца луѓе од племето Онге, едно друго локално племе, за да ни помогнат да ги толкуваме јазикот на Сентинелците и нивното однесување. Војниците на племето нѐ дочекуваа со лути лица, целосно вооружени со лакови и стрели за да ја одбранат својата земја - раскажува Пандит.

И покрај слабиот успех, антрополозите ги оставале своите дарови за да изградат врска со тајната заедница. Во една пригода антрополозите им оставиле врзана свиња, што на племето не им се допаднало, така што ја прободиле со копје и ја закопале во песокта. По неколку експедиции во кои се обидувале да воспостават контакт, првиот вистински напредок се случил во 1991 година кога племето мирно им пришло во океанот.

- Бевме збунети зошто наеднаш ни приоѓаат. Беше нивна одлуката со нас да се сретнат и состанокот се одвиваше под нивни услови. Излеговме од бродот и скокнавме во водата, која што ни достигнуваше до вратот. Им дававме кокосови ореви и други дарови. Но, не ни дозволија да стапнеме на нивниот остров - вели Пандит.

Тој вели дека не се грижел премногу дека можат да го нападнат, но секогаш бил внимателен кога ќе им се приближел. Вели дека членовите на неговиот тим се обиделе да комуницираат со членовите на племето со помош на знаковен јазик, но не успеале во тоа бидејќи тие биле преокупирани со даровите.



- Разговараа меѓу себе, но не можевме да ги разбереме. Звучеше слично на јазиците на другите племенски заедници во таа област - се присетува Пандит.

При еден незаборавен напнат момент на експедицијата, еден млад племенски член му се заканил.

- Додека му давав кокос, малку се одделив од остатокот од тимот и почнав да се приближувам до брегот. Еден млад член на племето направи чудна гримаса, го зеде ножот и ми сигнализираше дека ќе ми ја отсече главата. Јас веднаш го повикав бродот и брзо се повлеков. Гестикулацијата на момчето беше впечатлива. Јасно даде до знаење дека не сум добредојден таму.

Оттогаш, владата на Индија престанала со експедициите и носењето дарови и забранила приближување до островот. Целосната изолација на сентинелската нација значи дека секој контакт со надворешниот свет може да биде опасен бидејќи немаат имунитет дури ни за обични болести, како грип или сипаници. Пандит вели дека членовите на неговата група секогаш проверувале да не имаат преносливи болести и дека патувале само оние што биле сосема здрави.



Властите велат дека Џон Ален Чау, кој беше убиен минатата недела, не добил никаква официјална дозвола за својот пат. Наместо тоа, им платил на локалните рибари 25.000 рупии за илегално да го транспортираат до островот, надевајќи се дека ќе го конвертира племето во христијани. Властите сега се обидуваат да го вратат телото на Американецот, а Пандит вели дека тоа би било можно само со многу внимателен пристап на официјалните власти. И покрај неговото искуство со еден напнат момент, тој не се согласува да го нарече племето опасно.

- Тоа е неправилен начин. Ние таму сме агресорите. Ние сме тие што се обидуваат да дојдат на нивна територија. Тие се мирољубив народ и не сакаат да напаѓаат луѓе. Не патуваат во околните области и не предизвикуваат проблеми. Станува збор за редок инцидент - објаснува Пандит.

- Треба да ја почитуваме нивната желба да бидат сами - вели тој.

Истото мислење го имаат и организациите како „Срвајвал интернешнл“ и апелираат до локалните власти да не се обидуваат да стигнат до телото на Американецот.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура