Џек Ма, основачот и извршен директор на „Алибаба“, не се плаши од вештачката интелигенција или автоматизацијата. Наместо тоа, тој смета дека треба да се подготвиме на вистински начин за масивни, уривачки промени што овие сили ќе ги предизвикаат.
„Во последните 200 години, производството ни отвори работни места. Но денес, поради вештачката интелигенција, поради роботите, производството повеќе не е главен двигател за создавање на работни места“, изјави Ма во средата за време на глобалниот бизнис форум „Блумберг“. „Услужната индустрија ќе биде главниот двигател за создавање на работни места“.
Ова е драматично различна изјава од економскиот популизам наметнат од претседателот Трамп, кој постојано ветува дека ќе ги врати работните места во производство во Америка.
„Кога зборуваме за производство, не треба да велиме 'Произведено во Кина', 'Произведено во Америка', туку ќе биде 'Произведено на интернет'. Главната пречка за сето ова да функционира е начинот на кој ги едуцираме и тренираме следните генерации да влезат во работната сила. Начинот на кој ги учиме ќе направи нашите деца да ги изгубат работните места во наредните 30 години“, вели Ма.
Според него, не постои причина зошто денес децата учат да сметаат, бидејќи машините секогаш ќе бидат поефикасни во сметањето. „Мора да ги научиме нашите деца да бидат многу иновативни и креативни. На овој начин ќе можеме да создадеме работни места за нашите деца“, вели тој.
Мислењето на Ма го делат многу експерти. Тие сметаат дека начинот на кој децата учат денес е неефикасен, застарен и нема да ги подготви за автоматизацијата.
Како што вели Ма, тој не е загрижен за вештачката интелигенција како што е загрижен Илон Маск; тој е пооптимистичен - доколку сме соодветно подготвени. „Новата технологија ќе уништи многу работни места. Но и ќе создаде многу работни места. Прашањето е дали сме подготвени и дали сме квалификувани за овие нови работни места“, вели Ма.
Исто така, тој е реалист. Тој не го гледа само образованието туку и проблемите со животната средина, јавното здравје и сиромаштијата како двигатели што ќе влијаат врз тоа како ќе се справиме со светот што го обликуваме со новите технологии. „Јас сум оптимист - позитивен - за иднината на технологијата, вели тој“. „Но треба да бидеме многу внимателни. Првата технолошка револуција ја предизвика Втората светска војна. Сега сме во третата технолошка револуција. Третата светска војна треба да биде против сиромаштијата, болестите и загадувањето на животната средина“.
Што е потребно за човек да стане успешен според Ма?
Успешните луѓе и добрите лидери развиваат различни видови на интелигенција. Тука е IQ, коефициентот за интелигенција, па EQ емоционалната интелигенција, но Џек Ма ја споменува и LQ - коефициентот за љубов, нешто што машините никогаш нема да го имаат.
„Обрнете внимание на младите луѓе бидејќи тие не се грижат толку за иднината. Тие се грижат за тоа зошто светските лидери не ги менуваат работите овде и сега, и зошто не ја користат технологијата како што треба“, вели Ма. Со други зборови, Ма ги предупредува владите да обрнат внимание на образованието бидејќи децата учат погрешни работи - дека машините се подобри од луѓето. Верува дека ваквиот начин на размислување ќе доведе до тоа над работните места на младите луѓе да доминира вештачката интелигенција и компјутерите.
„
Машините немаат срце, машините немаат душа, немаат верувања. Луѓето имаат души, верувања, вредности; ние сме креативни, покажуваме дека можеме да ги контролираме машините“, вели Ма и додава дека овие карактеристики ќе им овозможат на луѓето да продолжат со глобализација која е хумана.