X
 23.09.2018 Живот

Германија ќе става крај на високите цени за изнајмување станови

Германската влада усвои акциски план со кој сака на граѓаните да им овозможи полесен пристап до становите со умерена кирија, а германската канцеларка Ангела Меркел рече дека изнајмувањето по пристапни цени е една од најважните цели на нејзината влада.

-Ние сакаме да вложиме големи напори за да ја постигнеме нашата цел, а тоа е повеќе станови на германскиот пазар на недвижнини. Тоа е едно од најважните социјални прашања - рече германската канцеларка по средба со економисти и политичари.

Таа најави и изградба на дополнителни 100.000 социјални станови во Германија. Министерот за финансии, Олаф Шолц, најави и полесно финансирање на изградбата на социјалните станови преку средства од сојузниот буџет.

-Она што ни е потребно во Германија е повеќе станови кои може и да се платат. Киријата од десет евра по квадрат (без режимски трошоци) ги доведува граѓаните на работ на финансиската издржливост - истакна Шолц.

Министерот за внатрешни работи Хорст Зехофер, пак, истакна дека пораката од состанокот е: поголема понуда, пониски цени.

Кириите во Германија, особено во поголемите градови, во текот на последните години се зголемуваа со голема брзина, а во градовите како Минхен и Хамбург, киријата од 15 евра по метар квадратен веќе не е реткост.

Новиот план предвидува и таканаречена кочница на растот на кириите, која оневозможува драстично зголемување на станарината при промена на станари, како и отежнато зголемување на станарината при реновирање.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот