X
 05.10.2016 Економија

Бизнисот што ги воодушеви луѓето од регионот


Car sharing во Загреб


Car sharing или споделување автомобили е бизнисот што ги воодушеви загрепчани.


Го вклучуваш смартфонот, ја симнуваш бесплатната апликација, се регистрираш како корисник, го наоѓаш автомобилот на картата, го отклучуваш со помош на мобилниот, возиш каде што сакаш и колку што сакаш, па го оставаш таму каде што ти одговара. И така до недоглед, иако нити си го купил автомобилот нити имаш обврска да го одржуваш, немаш трошоци за гориво, технички преглед, регистрација или осигурување. Плаќаш онолку колку што си го користел.

Вака изгледа основниот принцип на car sharing-от, кој е сè попопуларен низ светот. Само во Виена, 100.000 луѓе имаат на располагање 1300 вакви автомобили, со што се заштедуваат 44 милиони поминати километри, односно 7000 тони јаглероден диоксид годишно.

На крајот на јуни, Матија Крзнар, ја основаше компанијата Spin City, како прва компанија што го нуди овој концепт во Загреб и во цела Хрватска, започнувајќи со „флота“ од 30 автомобили.

„Резултатите се над очекувањата, иако концептот е сосема нов на оваа територија“, вели Крзнар.

Преведено во бројки, изледа вака: фирмата има 30 автомобили, сите од моделот VW Up, од кои 10 се електрични, а остатокот се на бензин. Во првите 90 дена, нивните услуги ги користеле 570 возачи и секоја недела бројот на корисници се зголемувал 10 до 15 проценти.

Во просек по автомобил  имаат едно возење на ден во траење од 30 минути, а 35% од корисниците се постојани клиенти, кои ги возат автомобилите секојдневно. Десет проценти од луѓето изнајмуваат автомобил пет до десет пати,  а останатите околу трипати месечно.

„Заради целосна исплативост на инвестицијата, секој автомобил треба да се користи осум проценти во текот на еден ден. Ние досега постигнавме четири проценти за три месеци, и доколку овој тренд на пораст продолжи, за неколку месеци ќе го достигнеме тој праг“,  истакнува Крзнар.

Вкупната инвестиција изнесува околу 400.000 евра, од кои најмногу средства одат на лизингот за возилата, а остатокот за развој на апликацијата и оперативниот систем.

Инаку, Spin City е регистрирана како компанија за изнајмување автомобили, затоа што терминот car sharing сè уште не е дел од правната терминологија.

„Всушност, ние сепак сме рент-а-кар компанија, која своите автомобили ги издава на иновативен начин“, вели Крзнар.

Услугата чини од 0,2 до 0,3 евра (12-15 денари) по минута возење, во зависност од пакетот што го избира корисникот. Во моментов, според нивните пресметки, овие цени се за три проценти пониски од цените на такси-превозот.

Корисник на услугите на Spin City може да биде секој што наполнил 18 години и поседува возачка дозвола повеќе од една година.  При првото регистрирање во системот, корисникот плаќа еднократна членарина која изнесува околу 20 евра, во која се вклучени 50 бесплатни минути возење и картичка за отклучување на автомобилот, доколку мобилниот не им е при рака.

Потоа, корисникот се јавува кај најбискиот ВИП центар, каде добива корисничка картичка.
 
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија