X
 10.06.2018 Живот

Сите лаги на политичарите сместени во четири слики

Меѓу бројните фотографии од штотуку завршениот самит на Групата седум индустриски најразвиени земји во светот (Г7), се издвои една која ја отсликува атмосферата на собирот, прикажувајќи го „не баш пријателскиот говор на телото“ на германската канцеларка Ангела Меркел и на американскиот претседател Доналд Трамп.

На фотографијата направена од страна на фотографот на германската влада, Ангела Меркел стои со рацете цврсто потпрени на масата пред Трамп и луто гледа во него, додека тој остро гледа седејќи пред нејзе со одлучно прекрстени раце.

На фотографијата се гледа дека на двете страни стојат повеќе од 10 политичари, меѓу кои и јапонскиот премиер Шинзо Абе, кој исто така е со прекрстени раце, како и францускиот претседател Емануел Макрон. Во суштина, фотографијата недвосмислено покажува колку е затегната атмосферата, колку е јака Меркел и колку таа го има главниот збор, па токму поради тоа фотографијата беше објавена и на официјалниот профил на Меркел на „Инстаграм“.


Но, многу брзо стаса одговор од Белата куќа, со многу слична фотографија, направена од друг агол. На таа фотографија Трамп е оној кој го има главниот збор, а Меркел и другите внимателно го слушшаат додека стојат околу него како да се деца собрани околу професорот кој седи. Пораката е јасна.

Набрзо во приказната се вклучи и Макрон, кој, пак, реши да ја сподели својата верзија од приказната. Во негова режиија, фотографијата изгледа вака: Макрон го има главниот збор и страствено му се обраќа на Трамп, додека сите околу него слушаат.

Целата приказна ја заокружи премиерот на Италија, Џузепе Конте, со својата верзија од вистината - на која Италијанецот држи хартија во рацете, тој е во прв план и очигледно тука тој е главен.

Сите четири фотографии настанале на истото место, го прикажуваат истиот настан и истите луѓе, но испраќаат дијаметрално различни пораки. Истата сцена од различен агол може да изгледа сосема различно, што е факт кој политичарите од целиот свет отсекогаш го злоупотребувале за да се прикажат себеси во најдобро можно светло (само не секогаш волку отворено со фотографии).

Затоа, следниот пат кога ќе слушнете дека „бројот на невработени се намалил повеќе од кога и да е во историјата“ или дека „Македонија има историски суфицит во буџетот“ или дека „десетици возачи ги блокирале сите сообраќајници“ при блокадата поради горивата, сетете се дека вистината е кревка и дека со нејзе многу лесно се манипулира.

Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот