X
 26.01.2022 Живот

Германската амбасада објасни како ќе се одвива лотаријата за термини за виза

Германската амбасада во Скопје објави соопштение во кое детално се објаснува како ќе се одвива лотаријата за доделување термини за поднесување барања за визи.

Оттаму посочуваат дека за доделување термини за виза сега ќе се спроведува лотарија еднаш месечно. Така, на почетокот на секој месец, ќе се отвори нова листа за регистрација на термини за поднесување барање за визи. Оваа листа ќе биде отворена за регистрации за одреден временски период (најверојатно 2 недели). Листата нема да се затвори, како досега, кога ќе се дојде до одредена бројка на регистрации, туку ќе се затвори на одреден ден и од сите регистрации, компјутерски, по случаен избор по пат на лотарија ќе се избере кој ќе добие термин за следниот месец. За точните податоци кога ќе се отвори листата, од Амбасадата истакнаа дека ќе информираат навреме на нивната страница фејсбук-профилот.

Лотаријата ќе се спроведе во германското Министерство за надворешни работи во Берлин под надзор од повеќе лица. Веднаш потоа избраните лица ќе бидат известени од Амбасадата кога ќе биде нивниот термин во следниот месец, појаснуваат од Амбасадата и додаваат дека сите регистрации ќе учествуваат во постапката за лотарија, независно од тоа кога била регистрацијата. Регистрацијата што била порано направена нема никаква предност наспроти регистрацијата што била подоцна направена, се нагласува во соопштението.

- Исклучена е можноста за повеќе регистрации. Не постои можност ниту за дополнителна промена на податоците што се внесени при регистрацијата. Не е дозволено отстапување на терминот на друго лице. Нема потреба од учество на трети лица (на пр., некоја агенција) и со тоа не се добива никаква предност. Ве молиме регистрирајте се самите за постапката и задолжително внимавајте на точноста на вашите податоци. И покрај тоа што имате потврден термин, влез во визниот оддел ќе биде дозволен само ако личните податоци во пасошот на подносителот на барањето целосно се совпаѓаат со податоците што се внесени во терминот за регистрација - објаснуваат од амбасадата.

Оттаму потенцираат дека регистрaциите што не добиле термин, ќе бидат избришани на крајот на месецот. Сите лица што не добиле известување за термин до крајот на месецот, не биле извлечени на лотаријата, можат да се регистрираат на листата за следниот месец. За учество во лотаријата за термини во следниот месец, потребна е нова регистрација.

Апликации за термини за месец март може да се испраќаат преку регистрирање на листата за чекање за термини во периодот од 1.2.2022 г. од 10 часот до 15.2.2022 г. до 10 часот, соопштија од амбасадата.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот