Ѓурѓина Ристеска од Прилеп дипломира со просек 9,71 и беше најдобар студент на Факултетот за туризам и угостителство - Охрид, при Универзитетот „Св. Климент Охридски“- Битола, за академската 2020/2021, во период кога сите актери во образовниот процес се соочија со пандемијата на коронавирусот.
Пречките не ја обесхрабрија и успеа во рекордно време да магистрира на темата „Потенцијалот за развој на туризмот во областа Мариово“ под менторство на проф. д-р Михаел Ристески.
За време на средното образование не размислувала каде ќе продолжи, но бидејќи била насочена кон информатичките науки, сметала дека треба да продолжи на таков факултет. Но, посетата на Ѓурѓина на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид сменила сѐ.
- Туризмот го привлече мојот интерес откако матурирав, гледајќи го изборот на факултети во нашата држава. Секако, голем удел имаше и посетата која самостојно со мојата мајка ја направивме на Факултетот за туризам и угостителство - Охрид и одличниот прием на кој наидовме таму. Главната цел ми беше да ја победам интровертноста и да ги подобрам моите комуникациски вештини, како и да се стекнам со струка која ќе биде забавна и стимулативна – вели Ѓурѓина.
Таа е прогласена за најдобар студент среде пандемија, кога образованието во Македонија се соочуваше со најголемите предизвици од постоењето на државата. Пандемијата му зададе најголем удар на угостителството со забраната за движење и патување, а тоа придонесе студентите да не можат да изведуваат практична настава.
- Пандемијата му зададе голем удар на туризмот и угостителството, многу од давателите на услуги се соочија со загуби, па дури и целосно затворање на своите бизниси. Ваквите трендови влијаеја и врз нас, студентите на овие насоки, бидејќи најмногу ја ограничија нашата можност да продолжиме со практичната настава во услови на постојана промена на актуелните мерки против коронавирусот. Но, сепак, и покрај ваквите проблеми, продолжи одличната соработка помеѓу нас и професорите за време на онлајн наставата. Мислам дека добро се приспособивме на предизвиците, правевме чести истражувања околу влијанието на пандемијата врз туризмот и угостителството, кои јас сметам дека многу би ни помогнале во понатамошниот развој на нашата кариера бидејќи имаше и сѐ уште има многу да се научи од случувањата во периодот на пандемијата, знаење што не треба да се заборави, особено во туризмот и угостителството, и да се примени во иднина, бидејќи никогаш никој не може да знае кога ќе се повтори вакво нешто - потенцира Ристеска.
Ѓурѓина магистрира на тема која ѝ е „домашна“. Пишува магистерски труд за Мариово, кое има голем потенцијал за развој на туризмот.
- Мариово има одлучни потенцијали за развој на туризмот, почнувајќи од недопрената природа, па сѐ до големиот број недоволно истражени и незгрижени аспекти на културното наследство. Карактеристично за туристичката понуда на Македонија, барем според мое мислење, е слабата вклученост на другите градови и предели на Македонија во неа. Најголем акцент се става на добропознатите Охрид, Дојран, Маврово, Скопје, Струга, на кои заинтересираните страни вклучени во процесот на осмислување на понудата гледаат како на „готови производи“ поради нивната конструкција, но и постојаната сконцентрираност кон нивно оспособување за туристички центри и воедно главни претставници на македонската туристичка понуда, особено пред странските туристи. Пандемијата ни покажа дека Македонија има многу неоткриени места, како Мариово, кои треба да се истражат, кои би придонеле за „освежување“ на македонската туристичка понуда и привлекување повеќе туристи. Македонија би ткаела уште поуспешна туристичка приказна доколку конечно го сфати сериозно својот потенцијал за развој на туризмот - анализира Ристеска.
Според неа, Македонија има потенцијал за неколку вида алтернативни облици на туризам, но она што недостига е подобра организација, подобро следење на актуелните трендови и адаптација кон барањата на таргет-групите на туристите кои сакаме да нѐ посетат.
- Подобро би било плански да се распредели кои од ваквите туристички облици би можеле да се развијат во кој регион од државата и доколку на исто место може да се развијат повеќе (што и најчесто би било случај), тоа да се одвива на начин кој ќе биде одржлив за околината, нема да ја зголемува туристичката иритација кај рецептивното население, а ќе го ангажира во процесот и се разбира ќе даде оптимална услуга, вредност за платеното од страна на туристот.
Туризмот е навистина одличен начин за економски развој на нашата држава, која изобилува со голем број природни и антропогени атрактивно-туристички вредности, но повторно, треба само да се искористи посериозен пристап кон осмислувањето на туристичката понуда, да се искористат новите кадри кои произлегуваат од факултетите за туризам и угостителство, да се намали нивниот одлив и да се задржи што е можно повеќе млад потенцијал кој би дал нови и свежи идеи околу оваа проблематика - смета Ѓурѓина.
Откако почнала со своето образование на Факултетот за туризам и угостителство - Охрид, Ѓурѓина својата иднина ја гледа во Македонија и ќе продолжи да ја гледа и понатаму. Но, не отфрла усовршување на своето знаење во странство, кое сепак ќе го примени во својата земја.
- Ја сакам мојата држава и навистина сакам да придонесам за нејзино подобрување. Засега би сакала да стекнам повеќе искуство на терен, да бидам дел од повеќе аспекти во туристичкиот процес на нашата држава за во иднина да можам самостојно да се насочам и кон отворање сопствен бизнис и оформување на една своја туристичка визија која би сакала да постои во оваа држава. Секако, повторно би рекла, искуството е многу важно, па засега акцент би ставила на негово стекнување. Доколку би имала можност да отидам во странство за подобро усовршување, повторно би се вратила тука за да ги применам новите знаења - додава Ѓурѓина.
Фото: Приватна архива