X
 02.02.2024 Наша тема

Џансел Буковец, најдобар дипломиран студент на Институтот за биологија: „Учев за да го разберам материјалот, а не за оценка“

Љубовта кон молекуларната биологија и генетиката ѝ ја всадила професорката Аница Радевска, а ја прифатила за своја професија бидејќи нуди нови начини за подобрување на животот на луѓето и другите живи организми

Џансел Буковец (22) од Ресен отсекогаш била амбициозна ученичка, посветена на науката, особено на биологијата која ја интересирала од најмала возраст. Сепак, признава дека личноста која имала најголема заслуга за нејзиното насочувањето кон молекуларната биологија и генетика била професорка по биологија Аница Радевска.

- Нејзината исклучителна способност со која ги објаснуваше сложените биолошки процеси ми предизвика длабоко чувство на ентузијазам, љубопитност и непоколеблива решителност да се насочам кон ова специфично поле - вели таа.

Студиите и дипломската ги заврши за 4 години и 4 дена

По неколку години Џансел стана најдобриот дипломец на Институтот по биологија при Природно-математичкиот факултет на УКИМ. Студиите по молекуларна биологија со генетика заедно со одбраната на дипломската работа ги заврши во рекордно време од 4 години и само 4 дена, со висок просек од 9,64. Факултетот ја промовира како најдобар студент од нејзината студиска програма во прв циклус студии во академската 2022/2023 година. Буковец вели дека се одлучила за оваа област затоа што нуди многу можности за подобрување на животот на луѓето.



- Молекуларната биологија со генетика е област што се фокусира на изучување на биолошките процеси на молекуларно ниво, особено на гените, како и нивните функции и регулации. Оваа област вклучува истражување на структурата и функцијата на ДНК, РНК и протеините, како се пренесуваат гените, како се регулираат во различни организми. Одлучив да се занимавам со ова бидејќи верувам дека тие се области кои постојано откриваат нови работи и даваат одговори на важни прашања за животот и здравјето. Овие полиња нудат можности за истражување и откривање нови начини за подобрување на животот на луѓето и на другите живи организми - вели Буковец.

Посочува дека истражувањата во молекуларна биологија и генетика имаат широк спектар на можни примени. Во медицината, овие истражувања имаат голема важност за разбирање на генетските основи на различни болести и развој на нови лекови и терапии. Во земјоделството, молекуларната биологија се користи за подобрување на растенијата и нивните карактеристики. Во екологијата, има важност за разбирање на биолошките системи и заштита на видовите...



Нови методи за манипулација со гените со голема прецизност

- Интересот за молекуларната биологија со генетика е голем, особено поради брзото напредување на технологиите како што се геномско секвенционирање, CRISPR геномско уредување и други нови методи кои овозможуваат да се разбере и манипулира генетската информација со голема прецизност. Секојдневниот напредок во овие области го прави студирањето на молекуларна биологија со генетика привлечно за младите луѓе кои сакаат да се вклучат во научните истражувања и да прават значителен придонес во научната област - додава таа.

Доколку повторно би одбирала каде да студира, пак би го избрала ПМФ. Вели дека студирањето таму ѝ било задоволство. Како силни страни на факултетот ги наведува квалитетниот кадар, меѓународно реномираните професори кои ја претставувале Македонија во различни научни области, динамичниот карактер на предметите, можностите за истражување, практичните аспекти на учењето, како и можноста за соработка со професори кои се достапни за студентите и колегите што се жедни за учење. Што се однесува до слабостите, вели дека понекогаш имало преоптоварување со материјали или притисок од обемот на информации што требало да се совладаат за краток период.

Успехот е комбинација од добар план за учење, фокусираност и мотивација

- Да се стане еден од најдобрите студенти не е само работа на интензивно учење, туку е комбинација од различни фактори. За мене, тоа беше комбинација од добар план за учење, мотивација и фокус. Откако завршив со студиите, сфатив дека успехот не се состои само од учење за оценки. Исто така, важно е вклучувањето во различни активности и истражување интересни теми. Систематското учење беше клучно за мене. Иако имаше и такви периоди, но не беше секогаш учење од утро до вечер, туку правење добар план за учење. Учев за да го разберам материјалот, а не само за испитите. Вежбите и практичните делови од студиите беа важни. Тие ми овозможија да ги применувам теоретските знаења на практични примери, што ми помогна подобро да ги разберам концептите - вели Џансел.

Дополнително, било предизвик да се балансираат академските задачи со другите обврски што не било лесно бидејќи морала да прави жртви, односно кратење од времето за забави или дружби.



Сака со своето знаење да придонесе во развојот на биологијата

Останала да студира во Македонија поради две причини: вербата дека државата нуди прилично добри можности за студирање од областа на биологијата и семејството, од кое добива силна поддршка.

- Во иднина планирам да ги истражувам опциите за постдипломски студии, можеби и во странство за да ги проширам своите знаења и искуства. Исто така, размислувам за можностите за работа, било во Македонија било надвор од земјата. Сакам да ги искористам своите вештини и знаења за да придонесам во областа на биологијата и во науката во целост, каде и да бидам. Моментално сум невработена, но речиси три месеци волонтирам во Македонската академија на науките и уметностите - вели најдобрата студентка на Институтот за биологија.

Фото: приватна архива
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема