X
 23.10.2016 Образование

Професор одговара на вечното прашање: Што ќе ми е математиката во животот?

На професорот по математика, Џереми Кан, му го поставија прашањето што измачува генерации ученици – кога и каде ќе ги користиме сите тие синуси, косинуси, интеграли и другите лекции од алгебра и геометрија.

За разлика од неговите колеги, Кан не беше револтиран и збунет од прашањето, па наведе пет причини заради кои математиката е важна.


1.    МАТЕМАТИКАТА ТЕ УЧИ ДА ПРИЗНАЕШ КОГА НЕ СИ ВО ПРАВО!


И не само тоа, туку и да продолжиш понатаму и да ги решиш неможните задачи.

На пример, Петар и Марија стојат пред таблата и решаваат равенка. Марија е сигурна дека равенката е точна, а Петар со сигурност знае дека е погрешна. На следниот час, двајцата ги променија мислењата. Марија верува дека равенката е неточна, а Петар со неверување гестикулира со рацете и ја навредува Марија. Ви звучи како измислица? Математичарите секојдневно се соочуваат со вакви ситуации.
Прашајте кој било професор што да направите ако задачата не може да се реши, и одговорот ќе биде едноставен: „Почни од почеток и обиди се поинаку да ја решиш. И не се грижи за грешките што си ги направил/а, бидејќи те одведоа на вистинскиот пат.“


2.    ДА КОРИСТИШ ПРЕЦИЗНИ И ВИСТИНСКИ ЗБОРОВИ.

Прецизноста е одлика на математичарите. Секој поим и феномен имаат прецизна и јасна дефиниција.
Се сеќавате кога наставниците ве тераа да ја учите напамет секоја дефиниција за геометриските фигури или Питагоровата теорема? Не можевте да замислите каде и кога ќе имате прилика да го искористите тоа набубано знаење. Размислете – дали секогаш изговараме зборови  без да се двоумиме за момент, токму во контекст на нивното значење? Дали би можеле во дел од секундата да одговорите што е среќа и што е љубов? Дали истите тие зборови би ги употребил и некој што ви е драг, најблизок? И што е поважно – дали би можеле да именувате нешто што нема прецизна дефиниција?


3.    ДА РАЗМИСЛУВАШ НЕКОЛКУ ЧЕКОРИ ПОНАПРЕД.

Решавањето математички проблеми е како играње шах. Секој погрешен или невнимателен потег, може да има ужасни последици.

Колку пати кога сте решавале задача од алгебра ви се случило да завршите во ќорсокак, зашто некаде сте ставиле минус наместо плус? Дури и најмалата грешка може да уништи сè и да стане голема пречка во вашата намера што поскоро да ја завршите домашната работа. Математиката нè учи да бидеме концентрирани и одговорни за тоа што го правиме. Тоа не е мала работа, нели?


4.    НЕ КАКО СИТЕ ДРУГИ, ТУКУ НА СВОЈ НАЧИН!

„Тоа што го зборувам сега е лага“, така звучи добропознатиот парадокс на лажливецот. Овој е најдобриот опис на сè што се случува во модерната наука.

Постојат многу теореми, правила и аксиоми за кои се сметало дека се точни, а не биле. Тоа значи дека не треба слепо да им веруваме дури и на луѓето со најголем авторитет, барем додека сами не провериме дали е така како што кажуваат. Научниците тоа го нарекуваат „одговорен скептицизам“, а математиката на одличен начин нè учи на тоа.


5.    НИКОГАШ ДА НЕ СЕ ОТКАЖЕШ!

Зашто ако ти не ја решиш задачата, ќе му успее на некој друг. Па, зошто токму ти да не бидеш првиот?
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование