Морската краставица Enypniastes eximia, која плива во длабоките води, а е позната и како безглавото пиле-чудовиште, првпат е снимена во водите на Јужниот Океан во близина на источен Антарктик со помош на технологија на подводно снимање развиена од страна на австралиски истражувачи.
Суштеството, кое претходно е забележано само во Мексиканскиот залив, било откриено со помош на систем за подводно снимање развиен за комерцијален риболов од страна на Австралискиот оддел за Антарктикот (ААД).
-Некои од снимките кои ги добиваме од камерите го одземаат здивот, вклучително и снимките од видови кои никогаш не сме ги виделе во овој дел од светот - вели Дик Велсфорд од ААД.
Собраните податоци од камерите ќе бидат презентирани на годишниот состанок на Комисијата за заштита на антарктичките морски живи ресурси (ЦЦАМЛР). Комесарката на ЦЦАМЛР во Австралија, Џилијан Слокум, вели дека Австралија ќе продолжи да бара поддршка за создавање на нова заштитена морска зона на истокот од Антарктикот и дека тие ќе ги поддржат другите две нови заштитени зони предложени оваа година.
-Јужниот Океан е дом на неверојатно изобилство и разновидност на морски живот, вклучително и видови кои се бараат за комерцијални цели, чие ловење мора внимателно да се менаџира за идните генерации - вели
Слокум.