X
 23.10.2021 Живот

Фасцинантни факти за мозокот

Мозокот е неверојатен, но иако мислиме дека можеме да го контролираме, тоа не е точно. Ова се некои факти за мозокот што можеби не сте ги знаеле.

Зависни сме од „гуглање“ поради допаминот

Допаминот е невротрансмитер во мозокот кој ги контролира чувствата, како што е уживањето во храната. Тој истовремено нè поттикнува и да го истражуваме светот и е заслужен за доброто чувство што го имаме кога ќе стигнеме до некоја цел или кога ќе пронајдеме нешто што сме го барале.

Оттаму, допаминот нè поттикнува да поминуваме повеќе време на интернет отколку што сме планирале. Со зголемувањето на допаминот во телото стануваме сè позависни.


Фото: Pixabay

Може да запомниме само три или четири работи одеднаш

Кога се обидуваме да запомниме броеви или цели реченици, она што сме го запомниле „испарува“ од мозокот по 20 секунди доколку не го повторуваме. Експертите велат дека може да запомниме три или четири работи одеднаш.

Секогаш сакаме поголем избор, но не сакаме премногу опции

Луѓето сакаат да имаат можност за избор, па затоа ги сакаат супермаркетите. Меѓутоа, тие не сакаат кога тешко се одлучуваат за нешто и затоа не сакаат да имаат премногу опции.

Невозможно е да не обрнеме внимание на храна, секс или опасност

Луѓето едноставно не може да одолеат и да не погледнат во сообраќајна несреќа, дури и доколку се случила подалеку, зарем не? Истото се случува и со сцените со секс, како и со храна. За тоа е виновен мозокот кој има потреба постојано нешто да скенира, а тоа ни останало од нашите предци за кои моќта на забележување можела да значи живот или смрт. Тие ги поврзувале храната, сексот и опасноста со преживувањето.

Почесто купуваме познати брендови

Почесто ќе се одлучите за телевизор од познат бренд бидејќи името ве асоцира на сигурност. Во овие ситуации мозокот ни порачува дека станува збор за добар производ, а ова е особено изразено за време на онлајн купувањето.


Фото: Pixabay

Кога сме несигурни, гледаме што ќе направат другите

Тоа се нарекува социјално вреднување, односно луѓето често постапуваат онака како што постапил некој пред нив. Ова се забележува дури и во негативни ситуации, односно кога лицето претходно направило грешка.

Фасцинирани сме од фотографии со луѓе

Ова не ги вклучува анимациите или цртежите, туку само фотографиите. Вниманието секогаш ни е привлечено од фотографии со луѓе наместо со пејзажи или предмети. Истото се случува и кога гледаме во содржина на интернет. За тоа е одговорен делот од мозокот задолжен за препознавање лица и толкување емоции.

Дали носиме одлуки со логика или со интуиција?

Истражувањата покажале дека едноставните одлуки почесто ги носиме со логично размислување, а се водиме по интуицијата за комплицираните одлуки. Врз тоа влијае и нашето расположение. Кога се добро расположени, луѓето повеќе чувствуваат дека треба да ја слушаат интуицијата, додека кога се лошо расположени, користат логика.

Нашите мисли талкаат 30 отсто од времето

Колку пати ви се случило да прочитате реченица и да не знаете што сте прочитале? Тоа е така затоа што мислите ни талкаат иако очите поминуваат по зборовите. Експертите велат дека ова е нормално бидејќи нашите мисли талкаат дури 30 отсто од времето.

Напредокот нè мотивира дури и кога не е реален

Пример за ова е купувањето со картички со кои се собираат поени. На крајот секогаш нè чека награда, а можеби и попуст. Ова нè мотивира, иако понекогаш на овој начин трошиме повеќе.

Извор: DDL
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот