„Инстаграм“ донесе одлука за усвојување на стратегија слична на онаа што ја користи „ТикТок“, па конечно им нуди на своите корисници можност да ги зачуваат песните што ќе ги откријат, за подоцна да ги слушаат на „Спотифај“.
Од компанијата неделава потврдија дека интеграцијата на „Спотифај“ сега се применува на глобално ниво, така што корисниците треба наскоро да ја добијат функцијата, без разлика каде се наоѓаат.
За жал, „Инстаграм“ заостанува малку зад конкуренцијата кога станува збор за интеграција со услугите за музика.
Вреди да се спомене дека откако ја прекина сопствената услуга за претплата за стриминг-музика „ТикТок Мјузик“, „ТикТок“ одлучи да се фокусира на додавање интеграција за што е можно повеќе услуги за стриминг-музика. Сепак, чудно е што „Инстаграм“ чекаше толку долго за да додаде интеграција на „Спотифај“. Да не зборуваме дека „ТикТок“ нуди и интеграција со други услуги за стриминг музика, како што се „Епл Мјузик“ и „Амазон Мјузик“ и е на работ да додаде уште една која е многу популарна во Јужна Кореја, „Мелон“.
Добро е познато дека музиката е насекаде околу нас, а понекогаш тоа значи и на социјалните мрежи. Затоа од „Спотифај“ се горди што воведуваат нова интеграција со „Инстаграм“, што го олеснува и брзото додавање песни на „Спотифај“ од „Инстаграм“ со едноставен допир, според изјава на портпаролот на „Спотифај“.
За да ја искористат новододадената интеграција, корисниците на „Инстаграм“ сега можат да кликнат на песната што ќе ја најдат на социјалната апликација и потоа да го допрат копчето „додај“. Сите зачувани песни ќе бидат додадени на нивната плејлиста „Допаднати песни“ на „Спотифај“, за подоцна да ги слушаат.
За жал, „Инстаграм“ не нуди интеграција со која било друга услуга за стриминг музика, така што „Спотифај“ е првата и единствена услуга што ќе можете да ја користите на оваа социјална апликација.
Извор: preporucamo.com
Фото: preporucamo.com