Рани по кожата, исечени уши, крвавење од ноктите, габични и бактериски инфекции од нестерилни машинки, повреди на тапанчето во увото кои доведуваат до глувост, но и повреда на окото што резултира со чир на рожницата, па прераснува во слепило, се најчест, но мал дел од оние повреди кои ги предизвикуваат необучените грумери кај кучињата. Ова е нешто за кое ретко се говори, а се случува секојдневно за што сведочат и ветеринарните доктори.
Денес, голем проблем со одредени груминг-салони е тоа што употребуваат забранети супстанции, односно хемикалии како што се седативи. Прво тие се од непроверени потекла и второ се забранети бидејќи единствениот случај во кој се користи седатив, а е пропишано од Агенцијата за храна и ветеринарство, е за предоперативен зафат. Во никој случај седативот не смее да се користи за да се изврши груминг третман.
Клиентите во ветеринарните амбуланти дури сведочат и за смрт кај нивните миленици поради седативите кои им ги дале грумери.
Од Агенцијата за храна и ветеринарство за МИА велат дека седативите на куче исклучиво треба да се дадат и да бидат под надзор на доктор по ветеринарна медицина во случаите кога за тоа постои медицинска индикација.
– Грумерите доколку имаат работа со агресивно куче каде индикација за давање на седатив е безбедноста на персоналот и благосостојбата на кучето треба да биде даден и кучето да биде следено од страна на лиценциран доктор по ветеринарна медицина, посочуваат од АХВ.
Во грумингот најголем ризик е грумерот да го повреди кучето, а не обратно
Ветеринарниот доктор Јасминка ван дер Флиер во изјава за МИА вели дека во нејзината ординација се случува да бидат донесени кучиња кои се здобиле со тешки повреди при груминг третман. Најчесто, како што вели, при стрижење на кучето, оние грумери кои не се обучени им прават рани по кожата, предизвикуваат крвавење при сечење на ноктите, но и не ги стерилизираат машинките после секое куче.
– Поради тоа често се јавуваат габични и бактериски инфекции, меѓутоа тешки, како стафилокока, бактериска инфекција за што е потребен доста долг и скап третман за сопственикот, но исто така е тешко и за миленикот бидејќи не поминува брзо. Станува збор за месец до два третман, а и од финансиски аспект е товар за сопственикот, посочува ван дер Флиер.
И ветеринарот Димче Велковски од Ветеринарниот центар, кој моментално држи обуки за грумери во првата Академија за груминг во државава што се отвори пред околу два месеца во Скопје, укажува дека најчести повреди со кои се соочуваат кучињата при груминг третман се во пределот на очите, на кожата, на ушите, меѓутоа и на гениталиите.
Илија Петковски, грумер и еден од основачите на Академијата за груминг, за МИА потенцира дека најголемиот ризик во грумингот е тие да го повредат кучето, а не тоа нив.
Обично, вели, луѓето се заштитуваат себе си од кучето, му ставаат маски, го врзуваат или употребуваат некои други несакани елементи. Меѓутоа, нагласува тој, најголемиот ризик секогаш доаѓа од страна на грумерот, од страна на тој што работи со кучето, да изврши некое несакано дејство.
– Се случуваат повреди во услови на груминг салон, а повредите се најчесто поврзани со материјалот кој се користи. Денес, голем проблем со одредени груминг салони е тоа што употребуваат забранети супстанци, хемикалии како што се седативи. Прво се од непроверени потекла, второ тие супстанци се забранети, се знае во кој случај се користи тоа, од Агенцијата за храна и ветеринарство е многу убаво појаснет протоколот за предоперативен зафат, за кога се користи седација, меѓутоа во никој случај не смее да се користи седатив за да се изврши груминг третман. За едно стрижење навистина нема потреба да се труе кучето, бидејќи тоа куче треба да создаде навики, да создаде култура, да се работи со сопственикот, за кучето потоа да може да пристигне во салон на секој месец и пол до два и да се средува без тоа да му биде трауматичен момент, потенцира Петковски.
Од АХВ велат дека во Одделението за заштита на потрошувачите не се евидентирани претставки за повредени кучиња при груминг третман. Оттаму велат дека не се надлежни за контрола на груминг-салоните.
– Една претставка е поднесена со наводи за заразено куче од бактерија стафилокока при негово шишање. По претставката, инспекциските служби на Агенцијата не постапувале бидејќи активноста стрижење на животни, не е во надлежност на АХВ, велат оттаму, посочувајќи дека сопственикот на кучето е упатен да поднесе приватна тужба и да побара докази од страна на ветеринарот кој го лекувал животното дека тоа е заразено за време на стрижењето.
Мрачни сведоштва за повредени кучиња при груминг-третман
– Ние оваа година добивме сведоштва, најцрните сведоштва сме ги имале затоа што имаме двајца нови клиенти кои дошле со мали кучиња и кои инсистираат да бидат присутни за време на третманот, затоа што претходните нивни миленици биле буквално отруени, значи се доведени до момент на смрт, тоа се случува во Скопје, во некои скопски салони, сведочи Петковски за МИА.
За жал, вели, тоа се информации кои стигнале до нив, а има многу информации кои не се стигнати до нив и таа бројка на смртни случаи поради погрешна седација на куче е сигурно поголема.
– Многу често има труења кои не довеле до смрт, потоа крвав измет, а се случува куче да биде во депресија неколку дена после груминг третман и тоа да се прикажува како нормално. Воопшто не е! Грумингот не смее да биде ниту болно искуство, ниту да биде трауматично искуство за кучето, туку кучето буквално треба да влезе со мавтање на опашка и да излезе со мавтање на опашка. Секогаш во соработка со сопственикот и секогаш да биде визуелно достапно на сопственикот. Не смее куче да се крие, кучето зависно од расата, од културата на кутрето се средува за час и половина до два часа. Кучето не треба да помине повеќе од два часа во еден груминг салон. Треба да дојде на време, да се стави веднаш на масичка, да се среди како што треба во присуство или без присуство на сопственик, но секогаш да има можност да го надгледува третманот во секој момент и потоа кучето си заминува среќно и задоволно дома, посочува Петковски.
Повредите, според него, реално можат да се избегнат до одреден степен. Сепак, вели, луѓе сме, работиме со жива материја и не дека не може да се случи.
– На секого може да се случи, но потоа има посебна постапка прво да се превенира, потоа и како да се санира таа повреда и да се следи еден протокол во соработка со ветеринарен доктор, вели Петковски.
Габриела Ердман, сопственик на германскиот груминг салон „Hundeschererei Rheinbach“, споделувајќи го германското искуство за МИА, вели дека се случува и таму да има повредени кучиња при груминг третман затоа што, како што вели, има кучиња што не седат мирни, а сепак се работи со остри ножици, но за има пријави на суд.
– Досега кај мене немало таков случај, бидејќи работам на многу поинаков начин, полека, со помош на клиентите. Имам колега кој често ги повредува кучињата, па него почнаа и на судови да го даваат. Најчести повреди што грумерите ги предизвикуваат кај кучињата се во пределот на ушите, јазикот, бидејќи од страв постојано ја отвораат устата, но и опашот исто така. Имам слушано од мои колеги дека најчестите повреди се на јазикот, ушите и опашката, посочи Ердман.
Грумер се станува единствено со обука
Ветеринарката Јасминка ван дер Флиер потенцира дека не може секој да биде грумер, бидејќи сака кучиња, па да земе ножици и да стрижи.
– Грумерите мора прво да добијат обука, да добијат диплома за нивната работа, прво и основно да научат пристап кон миленикот бидејќи секој миленик е различен. Има агресивни, има мирни, некои сакаат да се галат повеќе, некои сакаат подруг пристап и тоа се основни работи. Секој миленик не се стриже исто. Има облик, има правила, секоја раса како треба да се истрижи. Никако не смеат да употребуваат седативи, тоа никако! Тоа е строго забрането. Седатив може да даде само ветеринар, нагласува ван дер Флиер.
Петковски, исто така потенцира дека секој грумер треба да добие соодветна обука и да знае да реагира во моментите на повреда кај кучето.
– Значи како да го преврзе кучето, како сепак да превенира пред се, но доколку се случи несаканиот момент, потоа да знае како да ја санира повредата без да импровизира дека е ветеринарен доктор и потоа да го заштити кучето, да го запре крвавењето и да го однесе кучето во ветеринарна амбуланта за понатамошно лекување, смета Петковски.
Ветеринарот Велковски вели дека грумерот во моментот кога ќе предизвика повреда кај кучето мора да остане смирен.
– Најдобро е секој во својот салон да има алат за прва помош. Обично, кога ќе се случи несреќниот случај, прво треба да се почека да запре крвавењето. Некогаш е тоа една минута, некогаш е четири минути, зависи. Тие две, три минути се многу важни зашто делуваат на присебноста на професионалното лице да знае која е следната фаза за да види каква е состојбата на самото куче и тогаш е веќе полесно. Тогаш работите се целосно во наша контрола, затоа што кучето едноставно е заштитено од понатамошно крвавење. Тогаш доаѓа моментот кога треба да се однесе на ветеринарен доктор, појаснува Велковски.
Успешен процес е стрижење во присуство на сопственикот
Петковски вели дека 100 проценти има успех доколку грумерот работи заедно со сопственикот и со кучето полека, без брзање и без стрес.
И Ердман вели дека во нејзиниот салон се работи на отворен начин со клиентите.
– Сакам самите клиенти да го следат процесот на кој јас работам. Кучињата на тој начин се посмирени и имаат повеќе доверба да дојдат кај мене бидејќи заедно со мене ги работат кучињата. Јас имам клиенти што сами ги бањаат и сами ги фенираат своите кучиња, вели Ердман.
Извор: МИА