X
 04.04.2018 Култура

Животот на дивите животни во бетонската џунгла наречена Њујорк


Сити парк во Њујорк
(Фото: Thinkstock)


Од којоти во Бронкс, ракуни на Менхетн, бувови во Бруклин и елени на Статен Ајленд – во урбаната џунгла на Њујорк има разновиден животински свет.

Но, соживотот меѓу милиони диви животни и 8,5 милиони луѓе во градот познат по своите висококатници, неонски светла и брзиот ритам на живот 24 часа на ден, не е секогаш лесен.

Иако њујорчаните ги сакаат животните, нивната љубов може да се најде во искушение кога некој којот ќе изеде куќен миленик или кога елен ќе помине низ насадите од домати, или кога некој ракун ќе го разнесе ѓубрето низ улицата. Популацијата на диви животни во Њујорк расте речиси 30 години и моментално таму живеат над 600 вида животни.

„Њујорк има 11.735 хектари паркови каде што е забранет ловот и каде што има многу малку природни грабливци“, истакна Џејсон Мунши-Саут, доцент по биологија на Универзитетот „Фордем“.

Тој ги проучувал приматите на Борнео и слоновите во Габон, а сега е експерт за диви животни во американската финансиска престолнина, најнаселениот град во Северна Америка.

Тој проценува дека во Њујорк живеат илјадници ракуни, заедно со неколку илјади елени и 50 којоти, повеќето во Бронкс, иако понекогаш се наоѓаат и на други места.

Кога станува збор за морските животни, многу често можат да се забележат фоки како се сончаат на карпите во заливот Пелам во Бронкс, а понекогаш и некој кит знае да се појави во водите кај Квинс.

Секоја пролет птицата жалар, која во Њујорк и во неколку други американски држави се смета за загрозен вид, почнува да доаѓа во Рокавеј бич за да свие гнезда.

„Дури и ако не сте виделе којот, којот ве видел вас!“, кажува ренџерката Кејла Мекеј (25) пред група посетители на работилница за живот со урбаните којоти во еден парк во Бронкс.

Таа потенцира дека луѓето не треба да се плашат од којотите, кои тешко се забележуваат затоа што се движат тивко, и тоа во ноќните часови. „Најдобро е да не им се приближувате и да не ги храните“, советува ренџерката.

„Мораме да ги научиме луѓето на подобар соживот со дивите животни. Ако не знаете дека на Статен Ајленд постојат 2.000 елени и возите прилично брзо, веројатно ќе налетате на некој од нив“, објаснува Ричард Сајмон, директор на градското одделение за диви животни.

Одделението е основано на крајот од 2016 година и оттогаш се спроведува програмата за стерилизација на 95 проценти од машката популација на елените на Статен Ајленд. Или на околу 1.100 животни, според негова процена.

„Кога нешто ќе се случи, обично се виновни луѓето, а не животните“, вели Мунши-Саут, додавајќи: „Главно тие треба да се остават на мир.“

Сајмон инсистира дека градот е доволно голем и за луѓето и за животните, забележувајќи дека понекогаш им се јавуваат луѓе со барање животните „да се вратат во природата“.

„Но, немаме каде да ги вратиме. Тие сега живеат овде“, вели тој и додава: „Ако некој се уплаши кога ќе здогледа којот и ќе повика 911, полицијата мора да реагира. Ќе се обидат да го фатат. Некои и ги убиваат“.

Во рамките на неодамнешната градска кампања за масовен транзит на животни беа објавени и фотографии од диви животни со наслов „Њујорчанец“, при што на луѓето им се сугерира да не ги хранат.

„Не постои причина една верверица да се храни со хот-дог или со переци“, вели Сајмон.

Хранењето може да доведе до тоа животните да го изгубат стравот од луѓето. Тогаш се можни и каснувања. Некои ракуни во Централ парк можат да станат агресивни и да се обидат да украдат храна од посетителите.

„Некои луѓе се изненадени, сметајќи дека тука има само стаорци“, вели Мунши-Саут.

„Налето кога работиме по парковите и кога е многу жешко и има комарци, всушност и нема голема разлика од Борнео“, се шегува тој.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура