24.01.2019
Живот
И камили умираат од жед во Австралија
Австралија веќе една недела е зафатена од екстремни жештини, со дневни температури кои достигнуваат до речиси 50 Целзиусови степени.
Температурите уриваат вековни рекорди – минатата недела дури пет дена беа меѓу десетте најжешки во историјата на Австралија.
Екстремните температури и суша предизвикаа масовно изумирање на животни. Прво беше објавена информација дека на бреговите на реките заринкале повеќе од еден милион мртви риби. Потоа медиумите објавија дека жештината за само два дена убила дури една третина од лилјаците во Нов Јужен Велс.
Локалните жители велат дека во Австралија не се паметат такви жештини и суши, доказ за тоа е фактот дека тие во изминатите неколку дена предизвикале масовно умирање на диви коњи.
Ренџерите вчера во близина на Алис Спронгс пронашле повеќе од 90 мртви, гладни и дехидрирани диви коњи. Повеќе од 200 биле пронајдени во екстремно тешка состојба и биле евтанизирани.
Еден локален жител изјавил дека на подрачјето каде што биле пронајдени коњите имало езеро. Коњите навикнале да пијат од тоа езеро, а кога се исушило, едноставно немале каде да одат по вода.
Локалните жители и ренџерите за Би-би-си изјавиле дека поради жештината во оваа област, од жед умираат магариња, па дури и камили.
Во многу градови вчера се урнати историски температурни рекорди. Во Аделаида се измерени дури 46,2 Целзиусови степени, а во Цедуна неверојатни 48,6 Целзиусови степени.
Метеоролозите најавуваат дека жешкиот бран ќе потрае уште неколку дена.
Извор: МИА