Австралиската влада објави дека наменила 500 милиони австралиски долари (338 милиони американски долари) за решавање на проблемите кои во пацифичкото подрачје предизвикуваат климатски промени, вклучувајќи ја тука и подготвеноста за соочување со катастрофите и вложувањата во обновливата енергија.
- Пацификот е нашиот дом кој ние го делиме како фамилија од нации - истакна австралискиот премиер Скот Морисон.
Австралиската влада досега беше мета на критики поради својот скептицизам во врска со климатските промени. Според австралискиот премиер, тоа вложување со меѓународна помош ќе овозможи пацифичките острови да инвестираат во обновливата енергија и да ги зајакнат нивните капацитети во борбата против влијанието на климатските промени. Помошта ќе биде наменета за финансирање на проекти за хидроелектрани на Соломонските Острови, патишта и мостови на Папуа Нова Гвинеја и училишта за подготвеност на климатски промени на
Кирибати.
Помошта од 500 милиони долари e продолжение на 300 милиони долари веќе уплатени за периодот од 2016 до 2020 година. Во текот на изминатите години Австралија беше критикувана од пацифичките соседи бидејќи не прави доволно за решавање на емисиите на јаглероден диоксид и продолжува да вложува во производство на јаглен.
Во понеделникот премиерот на островите Фиџи, Франк Бејнимарама, ја повика Австралија сериозно да ја сфати егзистенцијалната закана со која се соочуваат пацифичките држави и додаде дека Австралија би требало да го забрза преминот на обновлива енергија бидејќи постигнувањето на нулта нето-стапка на емисии до 2050 година нема да биде можно ако се продолжи користењето на јаглен.
Премиерот на Тувалу, Енеле Сопоага, рече дека без оглед на тоа колку многу пари се вложени, тоа не значи ништо ако придонесувате со сериозно влијание врз климатските промени.
- Австралија мора да направи повеќе - истакна Клер Антрија, активистка од Кирибатите, една од малите островски земји на кои им се заканува опасност од зголемување на нивото на морето.