Врсничкото насилство претставува постојано и намерно вознемирување кое може да се манифестира со закани, физички напад, потсмевање, барање подреденост или исклучување од групата. Не е секогаш лесно да се препознае дете кое е жртва на врсничко насилство, а ова се некои од знаците за препознавање.
Рани и модринки
Децата понекогаш се повредуваат и за време на најобична игра на отворена. Сепак, доколку забележите дека детето сè почесто доаѓа дома со нови повреди, посебно доколку сака да ги покрие со долги блузи или марами, постои можност дека се работи за малтретирање од соученици.
Изгубени или оштетени лични работи
Секоја уништена боичка, гумичка или тетратка не треба да се гледаат како знак дека некој го малтретирал детето. Некои ученици уште немаат развиено свест за чување на сопствените работи. Вниманието треба да се посвети доколку овие ситуации се повторуваат, а детето нема проблеми со губење или оштетување работи надвор од училиштето.
Одложување на физиолошките потреби
Доколку забележите дека детето на училиште не оди во тоалет, време е да се запрашате дали нешто не е во ред. Со оглед на тоа што насилниците најчесто се засилуваат онаму кадешто не може да ги видат наставниците, местата како тоалетот може да бидат локации за насилство.
Неочекувано губење пријатели
Доколку детето престане да се дружи со некој не мора да биде знак за насилство, но понекогаш тоа е првиот знак дека нешто не е во ред. Посебно внимание посветете доколку детето неочекувано престане да ги поканува другарите на заедничко дружење и стане асоцијално. Постои можност неговото друштво да го изолирало детето.
Губење апетит или прекумерна глад
Емоционалниот стрес може да ја намалат желбата за храна, па ако детето одеднаш одбива да јаде или по оброците се жали на болка во стомакот или мачнина, можеби се работи за проблем поврзан со емоционалната состојба. Внимание треба да се посвети и на голема глад. Децата по училиште речиси секогаш доаѓаат гладни, но доколку детето јаде многу и се однесува како воопшто да не јадело, можно е некое дете да му го зема оброкот или детето се срами да јаде пред некој.
Драстични промени во однесувањето
Децата, како и возрасните, имаат лоши и добри денови. Но, депресијата, повлеченоста и недостатокот на самодоверба треба да ве загрижат. Децата кои се малтретирани на училиште често стануваат зависни од родителите или браќата и сестрите. Тие се плашат да останат сами и сметаат дека не се доволно добри ако некој не е таму да им помогне. Малтретираните деца знаат и да измислуваат болести и изговори за да не одат на училиште. Падот на концентрацијата при учењето и послебите оцени може да укажуваат на проблем.
Доколку родителот го воочи проблемот навреме, ситуацијата може да се реши брзо. Пред сè, родителот треба да разговара отворено со детето за неговите проблеми, а потоа да му се обрати на наставникот и заедно да стават крај на малтретирањето.
Фото: Pixabay