X
 06.10.2017 Образование

Општините се жалат: Блок-дотациите за училиштата не се доволни

Проблемот е во тоа што кога општините не го надоместуваат она што недостига, тогаш дел од трошоците паѓаат на грбот на родителите на учениците. Тие мора да купуваат сапун и тоалетна хартија и да ги опремуваат училниците.




Блок-дотациите што Министерството за образование и наука им ги префрла на општините за тековно одржување на основните училишта не се доволни, се жалат од локалната власт. Проблемот е во тоа што кога општините не го надоместуваат она што недостига, тогаш дел од трошоците паѓаат на грбот на родителите на учениците. Тие мора да купуваат сапун и тоалетна хартија и да ги опремуваат училниците. Иако од општините велат дека се грижат секое училиште да има непречена настава и дека никој не бара од родителите парична помош за тековното одржување, сепак, одговараат: „Ако родителите сакаат да донираат, нема ништо спорно“.

Потребни се законски измени


Факултети мк. испрати прашања до десетина општини во Македонија под чија надлежност се основните училишта за кои имавме сознанија дека родители купуваат средства за хигиена, шкафчиња, завеси, ролетни, клима-уреди, телевизори, печатачи, за децата да имаат подобри услови за настава, но одговор добивме само од неколку. И Министерството за образование и наука сѐ уште не се изјаснува околу овој проблем, иако добивме изјави од општините дека тековното одржување на училиштата е на товар на централната власт. Кој треба да купува мебел, да опремува училишта, а кој да обезбедува средства за хигиена? Родителите не, тоа е сигурно. Но, за жал, речиси и да нема училиште во земјава каде што тоа не се бара од нив.
Директор на основно училиште за Факултети.мк објасни дека се потребни законски измени во кои јасно ќе се наведе кои се обврските на централната и на локалната власт за основните училишта, но и да се потенцира дека општините мора да ги надоместат средствата што недостигаат откако ќе се потрошат блок-дотациите. Тој смета дека е потребно да се направи и нова пресметка за блок-дотациите која нема да биде според бројот на ученици, туку според просторот што треба да се одржува.
- Како ќе преживее училиште што има само неколку ученици? Како ќе ги плати сметките, нема да им стигне само за греење и струја?- прашува тој.

Не бараат пари, доброволно се донира

Од скопската Општина Кисела Вода ни одговорија дека дотациите што пристигнуваат од МОН, според нивните пресметки, не се доволни за покривање на трошоците на осумте основни училишта што се под нејзина надлежност.
- Затоа локалната самоуправа, според потребите на основните училишта, ја дополнува дотацијата за тековно одржување, комуналии и други градежни занаетчиски работи – велат оттаму.
Според податоци од Општината, во 2016 година МОН за осумте основни училишта префрлило дотации во износ од 22.568.000 денари. Со овие средства биле покриени  трошоци за вода, струја, дел за огрев и други потреби.
- Но, евидентно е дека блок-дотациите од МОН наменети за основните училишта во Кисела Вода не се доволни за покривање на сите трошоци - сметаат од Општината.
Оттаму потенцираат дека покрај дополнителната финансиска поддршка што ја добиваат од Општината, директорите на основните училишта, како менаџери и органи на раководење, обезбедуваат дополнителни финансиски средства за тековно одржување на воспитно-образовниот процес.
- Општина Кисела Вода и основните училишта што се под нејзина надлежност не бараат донации од родителите на децата, но сакаме да нагласиме дека доколку има родители што сакаат доброволно да донираат, за тоа одлучуваат директорите – изјавија од Општина Кисела Вода.

Блок-дотациите се строго наменски средства

И од скопската Општина Аеродром ни одговорија дека блок-дотациите од МОН не се доволни да се покријат трошоците за одржување и за хигиена на училиштата.
- Затоа Општина Аеродром обезбедува дополнителни средства за тековно одржување на основните училишта, а исто така и самите училишта имаат предвидено средства за истата намена. Но, понекогаш некои родители што сметаат дека има потреба, на своите деца дополнително им купуваат одредени средства за хигиена по сопствен избор и самоиницијативно, што не е задолжително, ниту пак училиштето го бара тоа од нив – велат оттаму.



Од Општина Карпош ни одговорија дека од државата на годишно ниво добиваат по 255.270.133. денари за основните училишта. Од нив околу 232 милиона денари се само платите на вработените, а останатите средства, околу 23 милиони денари, се т.н. режиски трошоци, односно за парно греење, вода, ѓубретарина, струја, средства за хигиена.
- За десет училишта, од кои во некои има и над 1.200 ученици, е навистина недоволно – велат од Општина Карпош.
Оттаму ни одговорија дека сите трошоци што сме ги навеле, од средства за хигиена, тоалетна хартија, сапун, уредување на училниците, од бојадисување, до купување шкафчиња, клими, телевизори, печатачи, завеси, ролетни или т.н. тековно и инвестициско одржување, како и обезбедување училишни помагала за основните училишта, се обврска на Министерството за образование.
- Колку финансиски средства префрла Министерството за образование до локалната самоуправа, толку се трансферираат до секое училиште. Блок-дотациите се строго наменски средства. Инаку, родителите немаат законска обврска да учествуваат во некое кофинансирање во овој домен – велат од Општина Карпош.
Општина Центар, пак, како блок-дотации од МОН добива 171.806.000 денари.
- Општината обезбедува средства за хигиена, тоалетна хартија, сапун за училиштата. Единствена општина сме која има целодневна настава до петто одделение. Родители досега не ни се пожалиле дека од училиштата ги тераат сами да купуваат нешто – велат од Општина Центар.
Според член 22 од Законот за локална самоуправа, општините имаат свои надлежности, а за образование тие се: основање, финансирање и администрирање на основни и средни училишта, во соработка со централната власт, во согласност со закон, организирање превоз и исхрана на ученици и нивно сместување во ученички домови.
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование