Може да се најдат сличности во работата на архитектот и програмерот. Двајцата се креативци и се интелигентни. Едниот го дизајнира просторот околу нас и го обликува светот што го гледаме, додека другиот дизајнира платформи со кои комуницираме. Затоа, не е невозможно овие две професии да си ги вкрстат патиштата во иднина.
Архитектите веќе користат компјутерски алатки во својата работа. Можностите се зголемуваат доколку архитектот може да креира параметри и форми на динамични геометрии. Зошто архитектите би требало да научат да програмираат?
Програмирањето помага да се прошират дизајнерските вештини
Со програмирањето архитектите може да откриваат нови архитектонски форми и да истражуваат како може да напредува архитектурата и да се адаптираат на промените. Обично дизајнерските алатки користат комплицирани алгоритми кои им се нејасни на архитектите, па затоа и нивната употреба е ограничена. Архитектите би можеле да прават подобри одлуки во процесот на дизајнирање доколку ги разбираат овие алгоритми.
Да бидат одговорни за целиот дизајнерски процес
Знаењето од областа на програмирањето му дава на архитектот целосна контрола на процесот на создавање бидејќи тој ќе знае што да очекува од секоја алатка што ја користи и ќе може да ја користи според сопствените потреби. Алатката станува уникатна за архитектот и неговиот стил и ја носи оригиналноста на ново ниво.
Фото: pixabay.com
За да бидат пред ривалите
Програмирањето е вештина и може да му помогне на архитектот да се ослободи од конкуренцијата. Учењето програмирање како дел од процесот на дизајнирање може да им понуди на архитектите поинаков поглед и со тоа им дава предност пред другите.
За да ги научат техничките аспекти од алгоритмичното размислување
Со основно знаење од областа на програмирањето дизајнерот ќе биде способен да ги анализира проблемите и да ги решава чекор по чекор наместо интуитивно, што може да биде субјективно.
За да изработат повеќе со помалку труд
Архитектите што знаат да програмираат се поефикасни. Тие може да програмираат функција во софтвер за да заврши одредена работа што обично одзема многу време и работа.
Учењето програмирање бара вежбање и треба да го сакате. Освен тоа, има јазици што би им биле бескорисни на архитектите, без разлика колку добро ќе ги научат. Кои јазици би можеле да ги научат?
„Грасхопер 3Д“ (Grasshopper 3D)
Станува збор за јазик за визуелно програмирање кој првично се користи за создавање алгоритми. Јазикот се користи и за моделирање во областа на инженерството, архитектурата и дизајнот.
Фото: pixabay.com
„Динамо“ (Dynamo)
Ова е додаток за визуелно програмирање со кој може да манипулирате со податоци, да истражувате опции во дизајнирањето, да автоматизирате процеси и да создавате врски помеѓу повеќе примени.
„Пајтон“ (Python)
Ова е еден од најпопуларните програмски јазици. Тој може да се користи за пишување скрипти за параметрички алгоритми и други видови комплексна геометрија.
ВБ.НЕТ (VB.NET)
Може да се искористи за создавање различни алгоритми за автоматизирање активности во „Аутокад“ или „Ревит“.
Ц# (C#)
Може да се искористи за програмирање алатка за дизајнирање. Малку е покомплициран за учење, но достапни се многу ресурси.
„Руби“ (Ruby)
Јазикот отвора цел свет од можности во поглед на создавање интерактивни апликации, софтвер и додатоци.
Не треба да се повторува дека учењето програмирање може да биде голем плус за архитектите и дизајнерите. Како што напредуваме преку дигиталната револуција, луѓето од разни професии ја разбираат важноста на програмските јазици и почнуваат да ги вклучуваат во своите работни обврски.
Автор: Апрамеја С. Пандит
Извор:
arhc2o.com