X
 24.03.2021 Колумни

Колумна: Време е да ја вратиме нашата автономија над технологијата

Апликациите како Јутјуб, Нетфликс и Тик-ток ги чуваат содржините што корисниците ги изгледале или со кои комуницирале преку лајкови, коментари, споделувања и прават профил на вкусовите на корисниците и потоа предложуваат повеќе од истото. Веб-страниците како „Фејсбук“ и „Твитер“ нè изложуваат на она што го сакаат нашите пријатели или на содржините што веќе многу други корисници ги сметаат за привлечни. На тој начин нè заклучуваат во еден „круг“ во кој сме изложени на едно исто, правејќи поделба помеѓу луѓето кога всушност мотото на секоја социјална мрежа е да ги поврзе

Пишува: Стефан Митиќ, студент на Њујоршкиот универзитет во Абу Даби

Низ текот на годините интернетот создаде изобилство на информации и начини за поминување на слободното време во забава и тоа е навистина одлично.

Но, сè уште не постои совршен начин да пронајдеме филмови, книги, музика, информации и активности што би можеле да ни се допаднат - а особено оние што нè тераат да излеземе од нашата зона на удобност.

Совладувањето на најдобрите техники за откривање нови знаења во „морето“ на информации преку интернет е технолошки, но и човечки предизвик. Нешто што е од огромна важност е да имаме мотив да се изложуваме на идеи и информации што не мора да одговараат на нашата статус кво состојба. Секогаш е поубаво да останеме во рамката на удобноста - таму никој не може да ни наштети, но дали тоа е здрав начин на размислување на долготраен план?

Се надевам дека луѓето го имаат тој мотив. Со тоа што постојано се предизвикуваме да направиме нешто ново, всушност, трасираме пат да ги направиме нашите животи поцелосни.

Наречете го следново размислување банално, но јас сè уште се чудам на светот што интернетот го споделува со нас преку еден клик. Можеме да се вклучиме во професионален шаховски турнир како публика, да ги слушаме луѓето како дебатираат за нуклеарната енергија на „Клабхаус“ или најважно од сè, да бидеме поврзани со нашите најблиски кои живеат на спротивниот крај на планетата, особено во непредвидливи времиња. Лимитот на опции не постои.

Неверојатно е. Но, можеме да доживееме дијапазон на опции во онлајн-сферата само ако знаеме дека такви опции постојат, што ни дава желба да ги бараме. Така станаа популарни компјутерите.

Апликациите како Јутјуб, Нетфликс и Тик-ток ги чуваат содржините што корисниците ги изгледале или со кои комуницирале преку лајкови, коментари, споделувања и прават профил на вкусовите на корисниците и потоа предложуваат повеќе од истото. Веб-страниците како „Фејсбук“ и „Твитер“ нè изложуваат на она што го сакаат нашите пријатели или на содржините што веќе многу други корисници ги сметаат за привлечни. На тој начин нè заклучуваат во еден „круг“ во кој сме изложени на едно исто, правејќи поделба помеѓу луѓето кога всушност мотото на секоја социјална мрежа е да ги поврзе.

Овие пристапи кон корисниците имаат недостатоци. Голем недостаток е тоа што тие нè охрабруваат да останеме во нашите меурчиња. Ние продолжуваме да го следиме и гледаме она што веќе го знаеме и сакаме, или по наша склоност или по дизајн на апликациите и интернет-страниците.

Повеќе идеи, повеќе работи за да нè забавуваат - и повеќе потенцијални начини да го потврдиме она во што веќе веруваме или да бидеме управувани од луѓе кои владеат со алгоритмите. Ова беше реалноста и пред интернетот, но сега е засилена.

Фото: Unsplash

Кое е решението? Не сум сигурен. Знам само дека можеме да се бориме да излеземе од меурчето со правење мали чекори. Важно е да се разберат начините на кои предлозите за содржини што ги добиваме влијаат врз нашата можност да одбираме на што ќе се изложуваме. Наместо да се потпираме на предлозите од алгоритмите, можеме да ги одбегнеме видеата што „Јутјуб“ автоматски ни ги предложува (за почеток да го исклучиме „autoplay“), да правиме свои музички плејлисти на „Спотифај“ наместо да дозволуваме апликацијата да одбира песни во наше име, да ги одбереме опциите на „Фејсбук“ и „Твитер“ да ни се појавуваат прво најновите информации итн. На овој начин го збунуваме алгоритамот на овие апликации и ја враќаме нашата автономија над технологијата.

Исто така, ги ценам идеите за препорачување содржини од експерти во одредена област. Новинарските тимови на „Базфид њуз“ пробаа да ги изложат своите читатели на спротивставени гледишта. „Фејсбук“ започна со слична идеја за препорака на форуми преку интернет, кои луѓето обично не можат да ги сретнат додека скролаат низ своите времеплови. Овие минорни постапки можат да направат значително влијание.

Наоѓањето работи што се разликуваат од она што обично го сакаме, исто така, бара да бидеме отворени за идеи, култури и пренасочувања што нè предизвикуваат и изненадуваат. Се прашувам дали повеќето луѓе имаат подготвеност или време да го сторат тоа.

Не им верувам на онлајн-метежите или алгоритмите, но се чувствувам дека пропуштам. Порано бев повеќе подложен на алгоритмите, веројатно од незнаење, но сега нешто не ми дава да потклекнам, па морам постојано да се бунтувам против контролирањето во онлајн-светот. Се надевам дека и ти го правиш истото.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Колумни