X
 13.02.2015 Колумни

Прогресивна vs. регресивна сила? REALLY?

Горди професори, трогнати родители, носталгичари по младоста? Наспроти тоа, молк? Група на студентска организација чие членство е ориентирано кон партиско позициската опција. Студенти кои повикуваат на воздржаност и разумност, умереност во покажувањето на бунтовност и сочувавување на дигнитетот на универзитетската заедница. Умешност во интерпретација, ставање во контекст на нешто кое нема никаква онтичка основа при тоа упорност во ставање на етикети и навредување на нечија личност. По вчерашното соопштение кое беше објавено на официјалната страна на СПУКМ, неколку медиуми со целосна професионална чесност ја пренесоа информацијата, други се обидоа да направат приказна која е кореспондибилна со нивните задачи кои не сакам во овој момент да ги наречан порачани.


Иако сум член на СПУКМ, во оваа колумна ќе се обратам застапувајќи ги личните ставови. При тоа сум студент со чисто студентско досие и никаква поврзаност со политички активизам, а показател за тоа е фактот што во мојот живот немам ниту гласачко искуство. Така што, ако некому по дифолт можете да залепите етикета, со мене малку повеќе би се помачиле. Членството на СПУКМ е составено од хетерогени профили на луѓе. Студенти со различни лични интереси, стилови на живеење, припадности во група, модели за идентификација, политичка ориентација, различен социјален статус и различни светогледи. Во целиот тој корпус можеби и би можеле да се согласиме дека постојат мотиви за таков девалвирачки насочен мотив, особено по партиска линија. Но, ќе ве потсетам дека една студентска организација ја претставуваат сите членови на истата, не поединци или слободни стрелци. Дрско е до болка да се игнорираат пуритарните намери на студентите и да се стават истите во незавидна положба, целосно анхилирајќи го фактот дека истите студенти на студентската организација се тангирани од проблемите во високото образование, како и оние другите студенти. Ако во онаа што го изложува СПУКМ препознавате многу зборови а малку дела, би ве запрашала колку интерес вие пројавивте да учествувате во низата трибини, симпозиуми и конференции кои Студентскиот Парламент катагодишно, па дури и месечно ги организира? Ниско интелегибилно е да се говори за тоа дека Студентскиот Парламент е несериозна организација, чија програма е во колапс и чии претставници не работат ништо, при тоа да не се пројави отворена желба за запознавање со програмата кој намераваш да ја девалвираш. Од друга страна, забелешки беа насочени кон нашето неангажирање околку конкретниов проблем кој го потресе нашето општество бидејќи пролиферира во сите сфери на општественото живеење (иако е проблем од езотеричен карактер на универзитетската заедница).

Јас одговорно тврдам дека нашиот активизам беше тука и ние понудивме програма која ќе се испречи пред проблемот, но за жал за многумина од вас беше многу по “КУЛ” да мавате со транспаренти, да бидете во толпа, да подржавате психологија на истата толпа и да бидете “ИН”, да бидете во центарот на вниманието, или присутни таму каде што нешто се случува. Да се апстрахираме малку од фактот дека сум член на СПКМУ, јас сум студент без лажна скромност со висока репутација кој сериозно го сфаќа рушењето на автономијата на универзитетот, бидејќи на цивилизациските придобивки не треба да им удира шлаканица, персонифицирачки кажано. Но, ако студентите кои протестираа пред неколку месеци наидоа на сите мои симпатии, истите тие ми предизвикуваат срам и отуѓеност од универзитетот онаков каков што го познавам и таков како што тој нормативно, идеал-типски треба да изгледа. Таков варваризам од поединци, дрскост и немилосрдност не смее да се претставува како однесување на сите страни на акдемската заедница. За среќа видов многу професори кои се иницијатори за одржување на научни студенстки конференции, што не потпаднаа под притисокот од надвор. А оние од кои тоа го очекував беа први во редовите да покажат како се дава подршка на студентите и се бранат заедничките интереси (што рака на срце се повеќе нивни интереси). Ако професорите се горди што имаат такви студенти, жал ми е што единствено и на тоа ги научиле!

Јас како индивидуа, но и како припадник на група имам право да се образувам. Да следам настава во целосен мир и сите услови потребни за максимална концентрација. И никој тоа право не може да ми го опструира бидејќи уставот ми го гарантира. Како што јас не се обидувам да опструирам нечијо право на протест. Состојбата на факултетите најмалку треба да не направи горделиви и носталгични, треба да не направи обединети и мудри. Зошто на ваков начин со анархија во образовниот систем импликациите од негативен карактер ќе бидат нужни за сите нас. Ако ова е време кога не треба да се гледа во иднина, туку треба да се ужива во сегашноста, мене како човечко суштество тој став ме поразува. По својата дефиниција човекот е суштество кое се издигнува над другите по тоа што има однос кон идинината и минатото (убаво ќе беше наместо да уживате во сегашноста да попрочитавте малку антрополошки есеи Касирер на пример или Шелер топло би ви ги препорачала).

Јас ќе застанам пред студентите, ќе застанам пред оние кои немааш можност да кажат колку целата таа фешта им пречи во функционалната област, ќе стојам пред оние кои само затоа што им е примарно да останат на часови добиваат навреди од типот (посрани  во гаќи). Ќе се борам и ќе ги застапувам ставовите што се иманентни за СПКУМ, бидејќи мораме да ви покажеме дека постојат многумина кои се пуритарни во секое поле и чиј кредибилитет не можете лесно да го доведете во прашање. Ќе покажеме преку човечко достоинство дека СПУКМ не е само име на институција, туку цела организација од студенти кои не дозволуваат да им се гази по дигнитетот, честа и да се навредува нивниот капацитет за расудување и интелигибилност.

Автор: Магдалена Стојмановиќ

Објавувањето колумни од надворешни автори е одраз на намерата „Факултети.мк“ да биде влијателен глас на студентите и младите луѓе. Но, напоменуваме дека не се согласуваме секогаш со ставовите што ги изнесуваат нашите колумнисти, особено кога станува збор за лични дисквалификации, етикетирања без основа и извртување на контексти со цел да се наштети на други личности од која било сфера. „Факултети.мк“ се оградува од таквиот речник и конотации и ги смета за непримерни во јавната комуникација.
 

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Колумни