Астрофизичар и неврохирург влегуваат во соба. Можеби звучи како почеток на лоша шега, но она што го откриле двајца италијански истражувачи е навистина интересно: структурите на универзумот кој можеме да го набљудуваме се неверојатно слични со невронските мрежи на човечкиот мозок, велат тие.
Астрофизичарот Франко Ваца од Универзитетот во Болоња и неврохирургот Алберто Фелети од Универзитетот во Верона ги објаснуваат неверојатните сличности меѓу вселенската мрежа на галаксии и сложената мрежа на неврони во човечкиот мозок во труд објавен во списанието „Фронтиерс ин физикс“. Според истражувачите, човечкиот мозок и композицијата на космичката мрежа покажуваат слични нивоа на сложеност и самоорганизација.
Се проценува дека мозокот се состои од 69 милијарди неврони, додека универзумот што можеме да го набљудуваме се состои од најмалку 100 милијарди галаксии, лабаво стокмени како мрежа. И галаксиите и невроните се само околу 30 отсто од вкупните маси на универзумот и мозокот. Исто така, и галаксиите и невроните се подредуваат како мониста на долги нишки влакна.
Во случајот со галаксиите, преостанатите 70 отсто од масата се темна енергија. Еквивалентот кај човечкиот мозок, според двајцата истражувачи, е водата.
- Ја пресметавме спектралната густина на двата система. Нашите анализи покажаа дека дистрибуцијата на флуктуацијата во невронската мрежа во малиот мозок на скала од 1 микрометар до 0,1 милиметри ја следи истата прогресија на дистрибуција на материјата во космичката мрежа, но, секако, на поголем степен, тоа оди од 5 милиони до 500 милиони светлосни години - истакна Ваца.
Насобирањето и бројот на конекции што излегуваат од секој јазол, исто така, биле слични.
Тимот се надева дека нивната прелиминарна студија би можела да доведе до нови аналитички техники и во космологијата и во неврохирургијата, што би им овозможило на научниците подобро да разберат како еволуирале овие структури со текот на времето.
Извор:
Futurism
Насловна фотографија: Pixabay