Иако често се опишува како „сон“, општата анестезија всушност го исклучува мозокот и ги брише спомените, што нè прави несвесни за болка и какво било искуство за време на медицинските процедури. Сепак, како точно функционира овој сложен процес сè уште е делумно мистерија, а она што го учиме за неговите ефекти може да биде и фасцинантно и малку застрашувачко.
- Последен пат кога отидов на стоматолог, се сеќавам дека си мислев дека целата посета е прилично досадна. Локалната анестезија (онаа што ги вкочанува непцата за време на стоматолошките процедури) се врзува за натриумовите канали во нервните клетки и на тој начин го спречува преносот на импулсите, што подоцна го дознав на интернет - раскажува Ејми Гловер и вели дека отсекогаш мислела дека општата анестезија е груба верзија на локална анестезија.
Но, дека не е тоа случајот ѝ објаснил анестезиологот д-р Ентони Каве. Во неодамнешно јутјуб-видео тој објаснува дека анестезијата не е баш сон.
- На пациентите им даваме лекови што го исклучуваат нивниот мозок, со што тие се целосно несвесни за да не можат да чувствуваат болка. Потоа, ако е потребно, даваме лекови што ќе го парализираат телото. Потоа даваме лекови за бришење на меморијата за пациентите да се помалку анксиозни и да се минимизира ризикот од посттрауматско стресно нарушување за време на анестезијата - вели докторот.
Здравствените работници и истражувачите од клиниката „Мејо“ на својата веб-страница потврдуваат дека општата анестезија не е еден лек, туку комбинација од неколку лекови. Иако тоа доведува до состојба слична на спиење, мозокот не реагира на сигналите за болка или рефлексите кога е во таа состојба.
Што се однесува до елементот за бришење меморија, Универзитетот во Илиноис наведува дека одредени лекови во општата анестезија го спречуваат мозокот да формира нови сеќавања додека е под нивно влијание.
Друго истражување објавено во списанието „Бритиш журнал оф анестезија“ покажа дека е можно да се одделат другите ефекти на анестезијата од нејзиното амнестичко дејство кај глувците.
- Многу луѓе мислат дека губењето на меморијата поврзано со анестезија е последица на фактот дека сте спиеле или сте во состојба на намалена будност, но тоа не е така - вели д-р Фетиплас, водечки автор на истражувањето.
Некои научници дури веруваат дека анестезијата може да има потенцијална примена во „бришење“ или ублажување на лошите спомени или асоцијации кај луѓето со посттрауматски стрес или фобии.
Извор:
n1info.rs
Фото: Freepik