Кога ќе дојде сезоната на настинки и грип, вообичаено е возрасните и децата да развијат воспаление во синусите, состојба позната како синузитис. Често се будиме со затнат нос или проблеми со синусна дренажа кога температурата ќе се намали. За среќа, постојат добри домашни лекови кои и возрасните и децата можат да ги пробаат кога ќе се појави синузитис. Сепак, некои вообичаени лекови треба да се избегнуваат, додека други треба да се користат со претпазливост.
Што предизвикува синузитис?
Проблемите со синусите се јавуваат кога слузницата на носот се воспалува, честопати зголемувајќи го производството на слуз и блокирајќи ги природните патишта на синусите. Синусните шуплини може да се инфицираат ако не се исцедат правилно. Кај некои возрасни или деца, особено кај оние со алергии или астма, ова се случува редовно, што доведува до постојан притисок околу носот, течење на носот, главоболка, замор или други симптоми.
Постојат методи за дренажа на синусите дома, но треба да знаеме дека не секој метод е безбеден или ефикасен.
Инхалација со пешкир над главата
Лекот за кој сите знаеме – зовриваме вода во тенџере, ставаме пешкир над главата, се наведнуваме над течноста и оставаме топлата пареа да ги смири и навлажнува синусните патишта, да ги исчисти блокираните синуси и да ни помогне да се чувствуваме подобро. Меѓутоа, истражувањата покажале дека овој добро познат третман всушност не е многу ефикасен и доколку не внимаваме, може да предизвика несакани последици. Но, доколку сепак се одлучите да го користите овој метод, најважно е да почекате малку да се олади водата и да не го доближувате многу лицето бидејќи може да се изгорите.
Ова е особено ризично за децата. Биле документирани седум случаи во период од шест месеци во кои децата претрпеле изгореници, обично на лицето, бидејќи биле премногу блиску до топла вода.
Поради оваа опасност, на лекарите и на родителите им се советува да не го користат овој начин кога станува збор за нивните деца, освен ако децата не се внимателно надгледувани во текот на целата процедура.
Не голтајте и не ставајте есенцијални масла во носот
Етеричните масла, особено маслото од евкалиптус, можат да ни помогнат полесно да дишеме кога имаме синузитис, иако во медицинското списание БМЈ се заклучува дека недостигаат научни докази за ефикасноста на маслото. Евкалиптусот може да стимулира чувство на ладење во носот што, пак, може да создаде чувство на подобрен проток на воздух. За други, многу подобро е вдишувањето на релаксирачкиот мирис на јасмин или лаванда кога се чувствуваат лошо. Што и да преферирате, никогаш не ставајте есенцијални масла во ноздрите. Повеќето есенцијални масла се премногу силни за да се нанесат директно на кожата, а камоли на чувствителното ткиво на носот.
- Им советувам на пациентите да не одбираат тоник и да не го ставаат во носот. Наместо тоа, се препорачува да додадете неколку капки во топла вода. Можете да ставите капка или две на памук и да мирисате или да користите специјален дифузер. Исто така, постојат некои докази засновани на истражувања дека земањето есенцијални масла како орална доза (како што е наведено) може да ги намали симптомите на настинка - вели д-р Ентони Дел Сињор, доцент по оториноларингологија на Медицинскиот факултет „Икан“ во Њујорк.
Не користете вода од чешма за плакнење на носот
Плакнењето на носот со солен раствор е ефикасен начин за лекување на синузитис. Некои студии откриле дека правењето „гаргара“ ги подобрува симптомите. Но, од клучно значење е да користите или дестилирана вода или зовриена вода што е изладена, така што водата да биде стерилизирана. Не користете вода директно од чешма. Ова е многу важно бидејќи преку водата од чешма може да внесете штетни паразити во синусите.
На бебињата никогаш не треба да им се дава мед поради конгестија на синусите или други симптоми
-За деца постари од една година и возрасни медот измешан со лимон и топла вода е ефикасен за смирување на болките во грлото, што често го придружува и течењето на носот - истакна д-р Барбара Ролник, педијатар во Детската болница во Филаделфија.
Студиите, исто така, покажале дека медот помага во борбата против бактериите во телото. Но, никогаш не треба да им се дава мед на бебиња под една година, предупредува Американската академија за педијатрија. Експертите предупредуваат дека медот може да биде извор на ретки, но опасни спори кои можат да доведат до ботулизам кај децата на оваа возраст.
Долготрајните симптоми на инфекција на синусите бараат медицински совет
Ако симптомите на синузитис кај вас или вашето дете траат повеќе од една недела, консултирајте се со вашиот лекар. Исто така, треба да разговарате со вашиот лекар ако симптомите се сериозни или нагло се влошат.
Извор: Eklinika.telegraf.rs
Фото: Freepik