X
 01.11.2022 Здравје

Дали вашата крвна група може да го предвиди ризикот од мозочен удар?

Луѓето со крвна група А се изложени на поголем ризик да доживеат мозочен удар пред 60-тата година во споредба со другите крвни групи, откриваат истражувачите.

Спротивно на тоа, оние со крвна група О имаат помала веројатност да имаат мозочен удар порано во нивниот живот, покажува новата метаанализа.

Истражувањето беше спроведено од научници од Медицинскиот факултет при Универзитетот во Мериленд во САД, кои ја разгледале врската помеѓу генетските карактеристики како крвната група и нивната поврзаност со мозочниот удар.

За да го направат тоа, тие разгледале податоци од 48 генетски студии за исхемични мозочни удари кај луѓе на возраст помеѓу 18 и 59 години. Исхемичните мозочни удари се предизвикани од блокирање на протокот на крв во мозокот.

Истражувањето опфатило околу 17.000 пациенти со мозочен удар и речиси 600.000 здрави луѓе кои служеле како контролна група, кои никогаш не доживеале мозочен удар.

- Сакавме да ги идентификуваме генетските детерминанти на мозочниот удар. За мозочниот удар, долго време знаеме дека има голема еколошка компонента, но има и генетска - вели Брекстон Мичел, еден од истражувачите и професор по медицина.

За да го испитаат ова дополнително, тој и неговите колеги ги разгледале генетските профили на луѓето и откриле врска помеѓу мозочниот удар што се случил рано во животот и областа на хромозомот што го вклучува генот што ја одредува крвната група на една личност.

Луѓето имаат четири главни крвни групи: А, АБ, АБ и О. Крвната група се одредува според гените што ги наследува од родителите. Крвната група О е најчеста.

Истражувачите откриле дека оние што имале ран мозочен удар имале поголема веројатност да имаат крвна група А и помала веројатност да имаат крвна група О.

- Крвната група А го зголемува ризикот за ран мозочен удар за околу 16 отсто. Ако имате крвна група О, имате 12 отсто помала веројатност да имате ран мозочен удар - вели Мичел.

Иако истражувачите открија поврзаност помеѓу крвната група А и ризикот од ран мозочен удар, тие нагласуваат дека зголемениот ризик е мал. Постојат и други ризик-фактори за мозочен удар што се многу поважни, како хипертензија и пушење. Значи, ако сакаме да го намалиме ризикот од мозочен удар, тоа се навистина факторите на кои треба да обрнеме внимание.

Сè уште не е јасно зошто крвната група А го носи овој поголем ризик, но истражувачите мислат дека тоа може да има врска со факторите на згрутчување на крвта.

Крвната група е поврзана и со други состојби

Не станува збор само за ризик од мозочен удар. Други истражувања покажуваат дека постои врска помеѓу крвната група и ризикот од развој на други здравствени состојби. На пример, истражување од научници од Факултетот за јавно здравје на „Харвард“ покажува дека луѓето со крвни групи А, Б или АБ имаат поголем ризик од коронарна срцева болест отколку луѓето со крвна група О. Најголем ризик имале оние со најретката крвна група, АБ.

Други истражувања посочуваат дека луѓето со крвна група А имаат поголем ризик за рак на желудникот, во споредба со оние со други крвни групи.

Извор: Euronews
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје