X
 24.04.2019 Политика

Познати личности што станале политичари

Пред глумецот Володомир Зеленски, кој победи во вториот круг на претседателските избори во Украина, неколку познати личности, од Роналд Реган до Џорџ Веа, тргнаа по патот на политиката и стигнаа до највисоките државни функции.

Американецот Роналд Реган е прва филмска ѕвезда што стана претседател на држава. Првично спортски коментатор на радио, потоа глумец во филмови на т.н. Б-продукција повеќе од 20 години, Реган во 1966 година е избран за гувернер на Калифорнија. Тој во 1981 година стана 40. американски претседател, кој е избран и за втор мандат.

Арнолд Шварценегер, некогашен мистер универзум, а потоа и холивудска ѕвезда, е избран за гувернер на Калифорнија во 2003 година. По потекло од Австрија, Шварценегер седум години управувал со најнаселената и најбогата американска сојузна држава.

На Филипините глумецот Џозеф Естрада влезе во политиката во 1969 година, кога беше избран за градоначалник. Подоцна беше сенатор и потпретседател. Естрада во 1998 година станува претседател на државата, но е сменет три години подоцна поради обвинувања за корупција.

Глумецот Џими Моралес во октомври 2015 година е избран за претседател на Гватемала. Како филмски продуцент и телевизиски водител, Моралес стана популарен во 2007 година по улогата на наивниот каубој по име Нето.

Во Перу познатиот глумец Салвадор дел Солар стана министер за култура во 2016 година, а премиер во март 2019 година.

Италијанскиот телевизиски тајкун Силвио Берлускони трипати беше премиер од 1994 до 2011 година. И покрај постојаните проблеми со судството, тој ја предводеше италијанската десница 25 години.

Доналд Трамп, милијардер на чело на империјата со недвижности, стана претседател на САД во 2017 година. Некогашниот сопственик на натпреварувањето „Мис универзум“, како 45. американски претседател нема никакво политичко искуство, а популарноста ја стекна во реалното шоу „Приправник“, на кое беше продуцент и еден од водителите од 2004 до 2015 година.

Фото: Pixabay

Музикологот и пијанист Витаутас Ландсбергис е избран за претседател на Литванија во 1990 година. Во политиката влегол две години претходно.

Мишел Мартели, пејач познат како Сладок Мики, бил претседател на Хаити од 2011 до 2016 година.

Поранешниот олимписки шампион во мечување (1968 и 1972 година) Пал Шмит беше претседател на Унгарија од 2010 до 2012 година.

Светски познатиот фудбалер Џорџ Веа во 2017 година е избран за претседател на Либерија. Претходно бил сенатор.

Поранешниот шампион во крикет Имрам Кан во 2018 година стана премиер на Пакистан.

Други познати личности што имале политичка кариера се и писателот Леополд Седар Сенгор, кој во 1960 станал прв претседател на Сенегал по прогласувањето независност, како и Вацлав Хавел, кој во 1989 година бил прв претседател на посткомунистичка Чехословачка.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Политика