X
 12.08.2019 Живот

Ги повлекуваат насилните игри од рафтовите, но не се откажуваат од продажбата на оружје

Неодамна од САД пристигнаа страшни вести за масовни убиства во кои загинаа десетици лица. Тоа предизвика нови дебати во американската јавност.

И додека за мнозинството проблемот е во достапноста на оружјето, еден дел, меѓу кои е и претседателот Доналд Трамп, меѓу виновниците ги ставија и видеоигрите, велејќи дека го глорифицираат насилството.

Изгледа дека некои компании „паднаа“ на ова, па сакајќи да ги избегнат потенцијалните негативни ПР-моменти, решија накратко да се оддалечат од игрите.

Познатата телевизиска куќа И-ес-пи-ен (ESPN), најпозната светска спортска медиумска агенција, викендов требаше на вториот канал да пренесува турнир од „Апеџ Леџендс“, но преносот беше тргнат од програмата и беа репризирани некои емисии. Од телевизијата велат дека тоа било направено за да се испочитуваат жртвите, иако многумина не гледаат каква е поврзаноста на турнирот со пукањата и сметаат дека тоа е политичка одлука.

Покрај тоа, популарниот синџир продавници „Волмарт“ направи слични потези и според повеќе извори, вработените добиле инструкции да ги отстрануваат плакатите, рекламите и другите предмети што би можеле да се поврзани со насилство, без разлика дали станува збор за игри или филмови. „Волмарт“ е позасегнат од ситуацијата бидејќи и во неговите простории имаше убиства, но ова секако нема да го реши проблемот.

Истовремено, „Волмарт“ продава и оружје во своите простории, а неодамна од компанијата истакнаа дека нема да ја променат политиката за продажба на оружје и покрај масовните убиства и во нивните продавници.

Фото: Freepik
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот