X
 04.03.2022 Политика

5 можни сценарија за развојот на војната во Украина

Во моментов тешко е да се предвиди развојот на војната во Украина. Би-би-си наведува пет сценарија што може да се случат.

Кратка војна

Во ова сценарио Русија ќе ги зголеми воените активности и посилно ќе ја нападне Украина на секаков начин, вклучувајќи и сајбер-напади. Ќе бидат блокирани тековите на електрична енергија и комуникациски мрежи, а ќе загинат илјадници цивили. Киев ќе падне за неколку дена, и покрај отпорот.

Украинската влада ќе биде заменета со проруска влада, а претседателот Володимир Зеленски ќе биде убиен или ќе избега. Владимир Путин ќе прогласи победа и ќе остави дел од армијата да ја држат контролата, а илјадници жители ќе продолжат да бегаат од земјата. Доколку се реализира ова сценарио, проруската влада веројатно ќе биде нестабилна и шансите за нов конфликт ќе бидат високи.



Долга војна

Според ова сценарио, на руската војска ќе ѝ треба подолго време да ги освои градовите. Дури и доколку Русија освои украински градови, ќе биде предизвик да се задржи контролата. Ова сценарио би се случило доколку Русија нема доволно војници за целосна инвазија, а Западот продолжи да ѝ помага на Украина со оружје и муниција. По неколку години, можеби со нов лидер во Москва, Русија ќе ја напушти Украина.

Европска војна

Во ова сценарио Путин ќе сака да врати повеќе делови од поранешен СССР и ќе испрати војници во Молдавија и Грузија, кои не се дел од НАТО. Путин би можел и да ја прогласи помошта од западните сили на Украина како агресивен чин и ќе се закани дека ќе испрати војници во балтичките држави, кои се дел од НАТО. Ова би можело да резултира во војна со НАТО.

Минатата недела Путин нареди подготвеност на нуклеарните сили, но повеќето аналитичари се сомневаат дека тој навистина ќе ги искористи.



Дипломатско решение

Двете страни држат преговори и се вклучени во дијалог со трети страни. Преговорите не напредуваат како што би посакувале, но санкциите на Русија и опозицијата во земјата може да направат промени. Путин може да пресуди дека продолжување на војната би било поголема закана за неговата лидерска позиција отколку нејзино прекинување.

Кина би можела да ја притисне Русија да направи компромис во ова сценарио. Истовремено, Украина може да биде подготвена на поголем компромис како што ќе продолжува уништувањето на нејзините градови. Во ова сценарио Украина би можела да прифати независност на Крим и делови од Донбас, а Путин би можел да ја прифати независноста на Украина и да ѝ дозволи да соработува повеќе со Европа.

Отстранување на Путин

Светот се промени во последниве денови, а аналитичарите веруваат дека промена на режимот во Москва е отворена опција. Доколку Путин продолжи со војната, илјадници руски војници може да загинат, а санкциите може да ја уништат руската економија. Така, Путин може да ја загуби поддршката од населението и да дојде до револуција.

Против него може да се сврти и воената, политичка и економска елита, а Западот може да ја искористи оваа ситуација со тоа што ќе вети отстранување на санкциите доколку Путин биде сменет. Во ова сценарио Путин ќе биде отстранет од власта и војната ќе заврши.

Извор: BBC
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Политика