X
 24.04.2022 Живот

Поранешно рибарско село во Кина има повеќе богаташи од Њујорк

Кина сега има дури три града со најголем број милијардери во светот, покажуваат податоците од годишното издание на „Глобална листа на богатите“, објавено од шангајската истражувачка компанија „Хурун рипорт“.

Најголем број милијардери - 144 живеат во Пекинг, а потоа следува Шангај, кој моментално е дом на 121 најбогат човек на планетата.

Поранешното рибарско село Шенжен, кое стана кинеска Силиконска долина, ја надмина американската метропола Њујорк со 113 милијардери, која своевремено се наоѓаше на третото место на рангирањето на „Хурун“ со 100 милијардери.

Концентрацијата на богатите во Шенжен континуирано расте, при што уште осум поединци од тој град се приклучија на листата со најбогати во светот од минатата година.

Според Хенг Чен, вонреден професор по економија на Универзитетот во Хонгконг, подемот на Шенжен е резултат на напорите на локалната власт да го направи градот атрактивен за бизнис, нудејќи, на пример, даночни олеснувања за високотехнолошките компании.

- Структурата на населението во Шенжен е сè уште многу млада во споредба со другите престижни градови во Кина, така што ова е една од причините зошто е многу атрактивна деловна локација - изјави Хенг, додавајќи дека локалните власти инвестираат многу финансиски средства во привлекување врвни таленти од остатокот од светот.

2
Фото: Freepik

Забрзаниот развој на Шенжен започнал во 1980 година, кога го добил статусот на првата кинеска специјална економска зона, што му овозможило на градот да привлече странски инвестиции. Како резултат на тоа, БДП на градот пораснал од помалку од 28 милиони долари на приближно 475 милијарди долари во последните четири децении.

Градот е дом на многу големи кинески технолошки компании, вклучувајќи ги „Хуавеи“ и „Тенсент“, за кои аналитичарите велат дека привлекуваат други познати брендови. Минатата година во Шенжен беа основани околу 2.500 нови високотехнолошки компании, со што нивниот вкупен број достигна околу 17.000, според податоците на локалната самоуправа.

Според извештајот на „Хурун“, на почетокот на оваа година во светот имало 3.381 милијардер, 153 повеќе од 2020 година, од кои 1.133 живеат во Кина.

Најбогат Кинез е основачот на производителот на безалкохолни пијалаци „Нонгфу Спринг“, Жонг Шаншан, чиј имот се проценува на 72 милијарди долари. По него е Џанг Џиминг, основачот на технолошката компанија „Бајтденс“ (сопственик на „Тик-ток“), со нето-вредност од 54 милијарди долари, а на трето место е Зенг Јукун, шеф на фабриката КАТЛ за производство на батерии за електрични возила, чие богатство се проценува на 53 милијарди долари.

Извор: Biznis.telegraf.rs
Фото: Pixabay
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот