Апликација за паметен телефон развиена од јапонската полиција почнаа масовно да ја преземаат жените што се обидуваат да се заштитат себеси од напаѓачи во преполните метроа во Јапонија.
Апликацијата наречена „Диги полис“ беше издадена од полицијата во Токио пред три години, но функцијата за заплашување на злоупотребувачите беше додадена неодамна.
Оттогаш апликацијата е преземена стотици илјади пати - необично за апликација развиена од владата.
Во преполните метроа и други јавни места во Јапонија жените често се соочуваат со сексуално вознемирување, но главно се премногу исплашени да побараат помош поради чувството на срам. Но, со помош на апликацијата жртвите можат да ја притиснат иконата на телефонот „одбиј го напаѓачот“ за да ја создаде пишаната порака: „Тука постои напаѓач. Ве молам помогнете“.
Со уште едно притискање пораката се прави црвена и се пушта глас што постојано повторува: „Те молам застани!“
Насилните злосторства се ретки во Јапонија, но сексуалното вознемирување, од допирање на жртвата до ставање на рацете под нејзината облека, е секојдневна појава.
На станиците и во метроата се поставени постери кои ги потсетуваат патниците дека сексуалното вознемирување е кривично дело.
Полицијата од Токио соопшти дека во 2017 година беа пријавени 2.620 сексуални
кривични дела, вклучувајќи 1.750 случаи на вознемирување, главно во метроата и на станиците.