X
 03.09.2023 Технологија

„Епл“ патентира технологија за екрани на ветробранското стакло

Дали „Епл“ еден ден навистина ќе претстави свој автомобил или на крајот ќе се откаже од тој проект? Одговорот на ова прашање не е познат бидејќи уште нема официјални информации од компанијата.

Според последните шпекулации, компанијата сепак не се откажала од тој проект и до крајот на деценијата во продажба треба да се појави првиот автомобил со логото на „Епл“. А тој автомобил, како што е откриено со патент поднесен од компанијата, би можел да има радикално поинакво ветробранско стакло на кое компанијата би можела да примени технологија за проширена реалност.

Станува збор за технологија која ја поставува дигиталната содржина над физичкиот, реалниот свет, а можностите за користење на оваа технологија во автомобилите се различни. Од прикажување информации за брзината, статусот и полнењето на батеријата, притисокот во гумите и слично, кои повеќе не би биле на посебна контролна табла, туку дигитално прикажани на шофершајбната, до упатства за навигација, како дигитална стрелка која покажува каде треба да се сврти.

Исто така, во патентот се споменува дека во случај на пребрзо возење, на шофершајбната би можеле да бидат прикажани дигитални лежечки полицајци, кои би изгледале како вистински, па возачите би забавиле. Доколку системот препознае дека има деца околу автомобилот, таквото предупредување ќе се прикаже и на шофершајбната, за возачите да можат да ја приспособат брзината и да ја зголемат претпазливоста.

За успешна имплементација на оваа технологија, потребен е значителен хардвер, односно камери, сензори, ултразвучни и ласерски радари кои би создале 3Д-мапа на патот и предметите околу автомобилот, вклучувајќи и сообраќајни знаци и луѓе. Системот би можел дигитално да ги заокружи патните знаци на шофершајбната за да го предупреди возачот за ограничувањата на брзината, потенцијалните опасности на патот итн.

Во патентот не се споменува начинот на кој „Епл“ сака да ја имплементира оваа технологија, па постои можност компанијата да не ја развива технологијата за сопствен автомобил, туку да ја лиценцира на други автомобилски компании.

Извор: Zimo
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија