X
 24.05.2022 Живот

Германската полиција бара „суперпрепознавачи“ - Одлична плата и не е потребна диплома

Некои луѓе го забележуваат она што другите не го гледаат и се сеќаваат на речиси сè. Полицијата во Северна Рајна Вестфалија бара такви за специјална обука, а потоа и за работа на идентификување на осомничените. Според провинцискиот министер за внатрешни работи Херберт Ројл, полицијата сака да ангажира до 1.000 таканаречени суперпрепознавачи.

Провинциското Министерство за внатрешни работи започна пилот-проект во шест полициски центри за пронаоѓање и тестирање на службеници со талент за забележување лица, движења и детали. Идејата е дека полицијата може некому да му ја довери задачата да забележува и препознава луѓе во тешки услови.

Пред седум години Северна Рајна-Вестфалија позајми шестмина такви полицајци од Велика Британија за да помогне во откривањето на осомничените за нападите на новогодишната ноќ во Келн.

Во меѓувреме, ангажирани се неколку суперпрепознавачи. Полицискиот магазин „Штрајфе“ неодамна претстави 42-годишна жена со аутизам која го опишала процесот на препознавање.

- За време на истрагата се чувствувам како да сум во тунел. На излезот го забележувам секој, дури и најмал детаљ, кој лесно може да се пропушти - вели жената вработена во Одделот за истрага на детска порнографија.

- Суперпрепознавачите го гледаат она што другите не го гледаат. Помалку од два отсто од луѓето ја имаат таа способност, така што може да има 1.000 меѓу 58.000 полицајци во покраината. Сега сакаме да ги најдеме тие луѓе и да го развиеме нивниот талент - вели Ројл.

Таквите луѓе се од непроценлива вредност во полициското работење, смета Ројл, бидејќи буквално можат да најдат игла во стог сено.

Извор: b92.net
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот