X
 07.06.2022 Живот

Најголемиот експеримент: Дали можеме да бидеме еднакво продуктивни ако работиме 4 наместо 5 дена во неделата?

Околу 3.000 работници во Велика Британија од околу 70 различни компании го почнаа најголемиот експеримент поврзан со продуктивноста и работата. Во наредните шест месеци тие ќе работат четири дена во неделата, а ќе добиваат целосна плата.

Како што истакнаа од групата која се залага за овој начин на работа, целта на експериментот е да се утврди дали продуктивноста ќе се намали или ќе се зголеми поради пократката работна недела.

Во истражувањето се вклучени научници од Универзитетот во Оксфорд, Кембриџ и Бостон, кои ќе го спроведат истражувањето заедно со компанијата „Аутономи“.

Во истражувањето се вклучени ИТ-компании кои се занимаваат со развој на софтвер, компании кои се занимаваат со регрутирање работници, добротворни организации и локални ресторани.

- Пандемијата нѐ натера да размислиме како работиме и како луѓето го организираат својот живот. Ова го правиме за да ги подобриме животите на нашите вработени и да бидеме дел од прогресивната промена во светот која ќе ги подобри менталното здравје и благосостојбата на човекот - изјави Сем Смит, коосновач на компанијата „Прешр дроп бруери“, која учествува во експериментот.

Тој објасни дека за време на истражувањето неговиот тим ќе треба да произведе и пакува исто количество пиво како и сега, но во период од четири дена.

- Мислам дека ова е поврзано со тоа како работниците го користат своето време. Кога зборувам за продуктивност, не мислам дека треба да бидам побрз во извршувањето на задачата што ја работам сега, туку подобро користење на времето за одмор за подготовка за следниот ден - додава Смит.

Освен во Велика Британија, слични истражувања се спроведуваат во помал обем во Ирска, САД, Канада, Австралија и во Нов Зеланд.

Џулиет Шор, економистка и социолог на Универзитетот во Бостон, која е и раководител на истражувањето, го нарече британското истражување историско.

Проблемот со петдневната работна недела е што работата едноставно се развлекува за да се пополни времето. Почитувањето на строгите, вековни начини на организирање на работата едноставно нема смисла. На многу работни места можете да бидете 100 отсто продуктивни во 80 отсто од вашето работно време, што го докажаа многу компании низ светот, смета Шор.

Но, научниците истакнуваат дека четиридневната работна недела не е за секого. Некои професии кои се пооптоварени, како медицинските работници и наставниците, тешко можат да ги сместат обврските од уште еден работен ден во веќе постојните.

Кому најмногу би му одговарала ваква четиридневна работна недела и какви се резултатите, ќе биде откриено по завршувањето на истражувањето. Компаниите што веќе го испробале овој начин на работа истакнуваат дека вработените се поодморени, помотивирани за работа и генерално попродуктивни. Тоа што тие работат еден ден помалку неделно не се одрази негативно врз приходите на компанијата. Напротив, тие посочуваат дека приходите пораснале бидејќи едноставно секој прави повеќе за пократко време.

Извор: ВВС
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот