Американската Федерална комисија за трговија (ФТЦ) би требало оваа недела да ја објави спогодбата со „Фејсбук“, според која технолошкиот гигант ќе треба да плати пет милијарди долари поради недозволено управување со корисничките податоци, истакнаа неименувани извори. ФТЦ, американското Министерство за правосудство и „Фејсбук“ одбија да ги коментираат наводите. ФТЦ ги истражуваше обвиненијата дека „Фејсбук“ споделувал информации за 87 милиони свои корисници со британската компанија „Кембриџ Аналитика“.
Одредени медиуми неодамна објавија дека ФТЦ одобрила спогодба, но дека се чека согласност од Министерството за правосудство. Се очекува спогодбата да содржи дополнителни рестрикции и зајакнат надзор над тоа како „Фејсбук“ се однесува кон приватноста на корисниците. Ако наводите се покажат како точни, тоа би била најголемата казна платена на ФТЦ во историјата. Некои членови на Конгресот истакнаа дека казната од пет милијарди долари е премала, со оглед на тоа дека „Фејсбук“ во 2018 година имал 55,8 милијарди долари приходи и 22,1 милијарда долари профит. Републиканската сенаторка Марша Блекбрн минатата недела истакна дека казната би требало да биде 50 милијарди долари.
Иако спогодбата ја решава најголемата регулаторна главоболка за „Фејсбук“, компанијата од Силициумската долина пак се соочува со можни истраги бидејќи ФТЦ и Министерството за правосудство започнаа широка истрага за монопол. Американскиот претседател Доналд Трамп и многу други лица исто така јавно го критикуваа „Фејсбук“ поради планираната криптовалута либра и нејзиното влијание на приватноста и перењето пари.
Престапите со компанијата „Кембриџ Аналитика“, како и критиките поради говорот на омраза и дезинформирањето на „Фејсбук“ ја наведоа демократската претседателска кандидатка, сенаторката Елизабет Варен и коосновачот на „Фејсбук“, Крис Хјуз, да побараат од владата да го принуди „Фејсбук“ да ги продаде „Инстаграм“ и „Вацап“. Меѓутоа, основната компанија се покажа како поотпорна и „Фејсбук“ во последните два квартала имаше многу поголеми приходи од
очекуваното.
Велика Британија минатата година го казни „Фејсбук“ со парична казна од 500.000 фунти поради улогата во скандалот кој изби поради кражбата на личните податци. Тоа беше максимална казна по старите правила за заштита на податоците кои беа на сила од стапувањето на сила на новиот закон, Општата регулатива за заштита на податоците (ГДПР).